Официјален Пекинг му одговори на Трамп: Тајван е внатрешно прашање за Кина

18.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Официјален Пекинг му одговори на Трамп: Тајван е внатрешно прашање за Кина

Тајван претставува внатрешно прашање на Кина, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека неговиот кинески колега Си Џинпинг го уверил дека нема да ја нападне островската територија додека Трамп е на власт.

Тој ми рече: ‘Никогаш нема да го направам тоа додека ти си претседател’,“ изјави Трамп во интервју за американската телевизија Фокс Њуз пред разговорите во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина. „Претседателот Си ми го кажа тоа, а јас одговорив: ‘Добро, го ценам тоа’“, додаде тој.

Ова беше прв официјален разговор меѓу двајцата лидери во рамки на вториот мандат на Трамп, кој се одржа во јуни годинава.

На денешната редовна прес-конференција во Пекинг, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, истакна дека Тајван е неразделен дел од кинеската територија. - Прашањето за Тајван е чисто внатрешна работа на Кина и начинот на негово решавање е прашање што го засега кинескиот народ, изјави таа. - Ќе направиме сè за да се избориме за перспективата на мирно обединување, но никогаш нема да дозволиме некој или некаква сила да го оддели Тајван од Кина, додаде Мао.

Кина го смета Тајван за своја територија и повеќепати се закани дека ќе го „обедини“ со копното, дури и со употреба на сила доколку е неопходно. Тајван, пак, категорично се спротивставува на овие претензии.

Во Тајпеј, Министерството за надворешни работи на Тајван вчера соопшти дека внимателно ги следи интеракциите меѓу високите претставници на САД и Кина. „Тајван ќе продолжи да работи со државите кои имаат значајни интереси во Индо-Пацифичкиот регион за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец,“ наведоа од тајванското МНР.

САД остануваат најважен меѓународен поддржувач и снабдувач на оружје за Тајван, иако двете земји немаат официјални дипломатски односи. Пекинг, кој никогаш не ја исклучи употребата на сила за да го стави демократски управуваниот остров под своја контрола, редовно го опишува Тајван како најчувствително прашање во односите со Вашингтон. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата