Израелските власти до сега потврдија 25 жртви, иранските пак, над 200. Штетите за сега не можат да се утврдат, ниту проценките колку далеку ќе оди конфликтот и дали може да добие пошироки регионални размери. Израелската армија тврди дека успеала да воспостави целосна воздушна надмоќ над Техеран, но и дека успеале да го ликвидираат раководството на разузнавачкиот оддел од исламската револуционерна гарда. Премиерот Нетанјаху вели дека очекува целосна реализација на целите од операцијата.
-На пат сме да ги постигнеме нашите две цели. Елиминирање на нуклеарната закана и елиминирање на ракетната закана. Го контролираме небото над Техеран и ги погодуваме овие цели, целите на режимот. / На пат сме да постигнеме целосна победа, се тоа ќе биде благодарение на нашите пилоти. - Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел
-Имам новости за иранскиот режим. Мислите дека ќе не изморите? Апсолутно се лажете. Ние сме многу силна и отпорна нација со многу силни способности на повеќе полиња и мислам дека го чувствувате тоа таму во Иран. Мислам дека на иранскиот народ му е смачено и дека сакаат промена, како и целиот регион. Заслужуваме промена. - Исак Херцог – Претседател на Израел
Техеран пак, го навести првиот чекор и најави повлекување од меѓународниот договор за неширање на нуклеарно оружје. Нема намера да преговара за ништо додека Израел на престане со нападите.
-Документите кои ги споменавте за повлекување од договорот за неширење на нуклеарно оружје се подготвуваат. Ние сме во тесна координација со парламентот и секако секоја одлука која ќе ја донесе парламентот ќе биде обврзувачка. Ние помагаме во процесот на изготвување на документите. - Есмаил Багај – Портпарол на МНР на Иран
И додека ракетите летаат меѓу Тел Авив и Техеран, нападите со внимание се следат и во државите од соседството, а особено во Либан и Кипар.
Последната ескалација меѓу Израел и Иран започна во петокот кога израелските власти соопштија дека започнале со операција за уништување на иранската нуклеарна програма. Во почетните напади беа уништени низа на нуклеарни и воени инсталации, а изминатите неколу дена ликвидирани беа и голем број на високи ирански воени лица.