Француската крајно десничарска партија Национален собир (РС) денес го повика претседателот Емануел Макрон веднаш да го распушти парламентот и да распише предвремени избори, додавајќи дека напорите на премиерот Франсоа Бајру да го одложи падот на неговата влада ќе пропаднат.
Британските медиуми пренесуваат дека Националниот собир на Марин Ле Пен и другите опозициски партии изјавија дека ќе ја соборат малцинската влада кога ќе се гласа за доверба на 8 септември.
Бајру неочекувано минатата недела закажа гласање за доверба на владата, бидејќи се обидува да вметне непопуларни планови во буџетот за 2026 година, соопштија британските медиуми.
Претседателот на РС, Џордан Бардела, по состанокот со Бајру, на кој присуствуваше и лидерката на партијата, Марин Ле Пен, изјави дека состанокот не променил ништо и дека нивната партија нема да се предомисли.
-Повикуваме на ултра брзо распуштање на парламентот, за да може новото мнозинство по изборите да го состави националниот буџет, изјави Ле Пен пред новинарите.
Партиите што објавија дека ќе гласаат против Бајру, вклучувајќи ги Републиканската партија и социјалистите, заедно имаат доволно гласови за да ја соборат владата, наведуваат британските медиуми.
Доколку Бајру ја изгуби довербата во парламентот, Макрон може да назначи нов премиер, да побара од сегашниот да остане на функцијата некое време како привремен премиер или да распише предвремени парламентарни избори.
Макрон распиша предвремени парламентарни избори во јуни минатата година, кои беа протолкувани како неуспешен ризик што дополнително ја ослабна неговата позиција и доведе до понатамошна поделба на парламентот, наведуваат британските медиуми.
Анкетите покажуваат дека дури и по новите избори, парламентот би бил поделен, но Републиканската партија веројатно би станала посилна.
Доколку се избере нов премиер, тој би бил петтиот откако Макрон беше реизбран за претседател пред три години.