- Активностите ќе започнат во наредните денови и ќе вклучуваат низа мерки, изјави Руте на заедничката прес-конференција во седиштето на НАТО со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич.
Како што најави Руте во операцијата засега ќе учествуваат Велика Британија, Германија, Данска и Франција.
- Ќе ја браниме секоја педа од територијата на Алијансата, нагласи Руте.
Тој додаде дека при упадот на руските дронови во полскиот воздушен простор во раните утрински часови во средата била активирана противвоздушната одбрана НАТО и успешно била одбранета територијата на Алијансата.
- Иако ова беше најголемата концентрација на нарушување на воздушниот простор на НАТО што го имаме видено, она што се случи во среда не беше изолиран инцидент. Неодговорноста на Русија во воздухот долж нашето источно крило се зголемува по интензитет. Видовме беспилотни летала како го нарушуваат нашиот воздушен простор во Романија, Естонија, Латвија и Литванија. Без разлика дали е намерно или не, тоа е опасно и неприфатливо, рече Руте.
Тој додаде дека на состанокот на Северноатлантскиот совет во средата наутро, сојузниците ја разгледале ситуацијата по барањето на Полска за консултации по Членот 4, изразиле целосна солидарност со земјата и го осудиле „неодговорното однесување на Русија“.
- Основната задача на НАТО е да ја спречи агресијата и да ја брани секоја членка на оваа Алијанса од какви било закани со кои се соочуваме. Заштитата на нашето источно крило е од најголема важност, изјави генералниот секретар на Алијансата.
Руте нагласи дека како резултат на ваквите случувања, НАТО и ја лансира операцијата „Источна стража“, која ќе ја зајакна позицијата на Алијансата и јасно ќе стави до знаење дека таа секогаш е подготвена да се брани.
- Без разлика дали активностите на Русија беа намерни или не, Русија го наруши воздушниот простор на НАТО. Затоа, ние како НАТО мораме јасно да ја истакнеме нашата решеност и нашата способност да ја браниме нашата територија. И тоа е она што „Источната стража“ треба да го прави, додаде Руте.
Гринкевич, од своја страна, потврди дека нарушувањето на воздушниот простор на Полска од страна на руските дронови во средата не е изолиран инцидент и не влијае само на оваа земја.
- Ова е прашање што влијае на целата Алијанса и ние ќе го третираме како такво. Додека е во тек целосна проценка на инцидентот, НАТО не чека, ние дејствуваме, додаде Гринкевич.
Тој истакна дека операцијата „Источна стража“ претставува нов пристап, кој ќе обезбеди уште пофокусирано и пофлексибилно одвраќање и одбрана, каде и кога да е потребно.
Гринкевич нагласи дека иако фокусот на операцијата е на Полска, оваа ситуација ги надминува границите на една држава, бидејќи, како што рече, она што влијае на еден сојузник ги засега сите членки на НАТО.
Според него „Источна стража“ ќе вклучува дополнителни подобрени можности и ќе ги интегрира противвоздушната и копнената одбрана.
- Целта е да ги заштитиме нашите луѓе и да одвратиме понатамошни неодговорни и опасни активности, како она што се случи претходно оваа недела, рече Гринкевич.
Според најавите, за почеток, во капацитетите на „Источниот стражар“, Данска ќе учествува со два авиона Ф-16 и една противвоздушна фрегата, Франција со три авиони „Рафал“, а Германија со четири „Еурофајтер“.