Поранешната претседателка на Врховниот суд ќе ја предводи преодната влада на Непал

12.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поранешната претседателка на Врховниот суд ќе ја предводи преодната влада на Непал

-Претседателот Рам Чандра Паудел ќе ја назначи Сушила Карки за премиер по договор меѓу сите партии, изјави Киран Похарел, советник за медиуми на претседателот. „Поранешната претседателка на Врховниот суд, која често се споменуваше како можен наследник на премиерот К. П. Шарма Оли, кој поднесе оставка, треба да положи заклетва на функцијата вечерта, рече Похарел.

„Потоа ќе биде формирана владата“, додаде тој. Именувањето на судијката, позната по својата независност, доаѓа по два дена интензивни преговори меѓу началникот на Генералштабот на армијата на Непал, генерал Ахок Раџ Сигдел, и претседателот Паудел.

Кризата, најсмртоносна во Непал откако беше укината монархијата во 2008 година, избувна пред четири дена кога полицијата отвори оган врз млади демонстранти кои ја критикуваа блокадата на социјалните медиуми и корупцијата на елитата. Околу дваесетина демонстранти беа убиени, а стотици беа повредени, што само го зголеми негодувањето и гневот на граѓаните.

Ден потоа, премиерот се обиде да ја врати контролата со наредба за враќање на Фејсбук, Јутјуб и Х и вети независна истрага за полициското насилство. Но, залудно. Младите луѓе собрани под слоганот „Генерација З“ излегоа на улиците на Катманду и оштетија многу јавни згради, резиденции на политичари и други симболи на моќ.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата