Сирени за воздушен напад оддекнаа во Киев околу три часот изминатата ноќ најавувајќи ги руските дронови и ракети кои како огнени топки завршуваа во станбени згради. Најновиот напад на Москва врз Киев зема најмалку 15 човечки животи, вклучувајќи четири деца на возраст од 2 до 17 години, а неколку десетици се повредени, соопштија украинските властите, пренесуваат светките медиуми.
Дел од повредените Украинци сведочат за тоа како ја поминале ноќта откако ги чуле ракетите кои паѓеле од небо и велат дека не им е јасно како останале живи под урнати ѕидови, прозорци и мебел.
„Беше како флеш пред очи, а потоа се почна да се руши. Не разбирам како се уште сме живи, целиот мебел кој беше приклештен до ѕидовите падна врз нас. Но, преживеавме.“
„Во три часот ноќта јас спиев со кучето до мене. Првиот повратен удар од ракетите ги распрсна прозорците, а вториот ги откорна вратите, по него истрчав надвор на улица.“
Некои, по нападот, со куфери и милениците в раце ги напуштаа живеалиштата.
„Си велам, ова не е првпат Русија да ми го сруши домот. Првиот пат беше во Донецк, потоа во Харков, а сега и тука.“
Според официјалните информации од Киев оштетени се над 20 локации низ градот и околината, освен станбени згради, деловни објекти и трговски центар лоциран во центарот. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека нападот бил извршен со дронови и балистички, крстосувачки и хиперсонични ракети „Кинжал“.
„Путин единствено ја разбира моќта на силата. Ние Украинците мора да бидеме силни, а нашата сила „лежи“ во нашата сплотеност, со нашите европски и американски партнери. Заедно можеме да се спротивставиме на оваа инвазија. Ова значи модерно оружје, тешки санкции и притисок од интернационалната заедница за крај на овој хорор.“
Додека, со тешка механизација се уште трага по преживеани под урнатините украинскиот претседател Володимир Зеленски, реагирајќи на нападот, преку социјалните мрежи посочи дека „Кремљ наместо преговарачката маса избра балистички ракети “ во време кога американскиот претседател Доналд Трамп прави дипломатски напори да се стави крај на војната.
Во меѓувреме, осуда за нападот пристигна од највисоките функционери на Европската унија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави заострување на санкциите кон Русија.
„Огорченa сум од нападот врз Киев, кој ја погоди и нашата канцеларија во ЕУ. Ова беше најсмртоносниот напад со беспилотни летала и ракети врз главниот град од јули. Ова покажува дека Кремљ нема да запре пред ништо за да ја тероризира Украина, убивајќи цивили - мажи, жени и деца, па дури и насочувајќи се кон Европската Унија. Затоа вршиме максимален притисок врз Русија. Тоа значи заострување на нашиот режим на санкции. Наскоро ќе излеземе со нашиот 19-ти пакет строги санкции.“
И комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос смета дека нападот е јасен сигнал дека Русија го отфрла мирот, а Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нагласи дека Европа нема да се заплаши од рускиот терор.