Предложените измени, кои мора да бидат одобрени од парламентот, ќе им дадат право на глас на помладите гласачи на национално ниво, со што стандардот на гласање ќе се усогласи со Шкотска и Велс, каде што младите луѓе веќе гласаат на локалните избори, објави Ројтерс.
„Преземаме чекори за да ги срушиме бариерите за учество и да им овозможиме на повеќе луѓе да се вклучат во демократскиот процес на Велика Британија“, изјави вицепремиерката Ангела Рејнер.
Излезноста на општите избори во 2024 година беше 59,7 проценти, најниска од 2001 година, покажа извештајот на британскиот парламент.
Според библиотеката на Долниот дом, искуството на земјите што ја намалиле возраста за гласање на 16 години покажува дека промената не влијаела на исходот од изборите и дека 16-годишниците биле уште поактивни гласачи од оние што гласаат за прв пат на 18 години.
Лабуристичката партија, која победи на изборите минатата година со убедлив глас, но оттогаш претрпе пад на популарноста, претходно вети дека ќе ја намали возраста за гласање ако дојде на власт, потсетува Ројтерс.
Покрај тоа, предложените реформи вклучуваат проширување на списокот на прифатливи лични документи за гласање, вклучувајќи банкарски картички издадени во Велика Британија и дигитални верзии на постојните документи како што се возачки дозволи и картички за ветерани.