Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и Балканскиот музички форум го најавуваат концертот на гудачкиот квартет „Атака“, посветен на тројца истакнати македонски композитори и музички дејци. Концертот е во чест на 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов и 100 години од раѓањето на Властимир Николовски и Кирил Македонски – композитори чија дејност ги постави темелите на македонската современа музика.
Преку изведба на нивни избрани дела, како што се наведува, овој настан претставува достоинствено чествување на нивното творештво и историски придонес, а истовремено потсетува и го афирмира континуираниот развој и значењето на современата македонска музичка сцена.
Гудачкиот квартет „Атака“ е формиран во 2022 година. Квартетот го сочинуваат четири истакнати музичарки: Ева Богоевска (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело).
Во изминатите години квартетот редовно учествувал на фестивалот „Денови на македонска музика“, каде, како што се наведува, се наметна како уверлив толкувач на камерните дела од македонски композитори од различни генерации (Драгослав Ортаков, Ристо Аврамовски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов).
Влезот на концерот е слободен.