Законот, кој Трамп го нарекува „голем и прекрасен“, вчера беше одобрен во Сенатот со тесно мнозинство по 27-часовна дебата. Одлучувачкиот глас го даде потпретседателот Џеј Ди Венс, кој има право да „пресече“ при изедначено гласање. Сепак, законот мора повторно да се врати во Претставничкиот дом за усвојување на финалната верзија.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави дека овој предлог-закон е основа на политичката агенда на Трамп и дека републиканците се решени да го донесат.
Законот предвидува продолжување и трајно воведување на повеќе даночни олеснувања за физички и правни лица, кои беа донесени во првиот мандат на Трамп, како и нови привремени мерки што тој ги вети во предизборната кампања – меѓу кои и можноста работниците да одбиваат бакшиши и прекувремена работа од даночна основа, како и ново даночно одбивање од 6.000 долари за поголемиот дел од постарите граѓани.
Вкупно, предлог-законот предвидува даночни намалувања во вредност од околу 4.500 милијарди долари во наредните десет години. Дополнително, се одвојуваат околу 350 милијарди долари за одбраната и за спроведување на строгата имиграциска политика на Трамп.
Републиканците делумно го финансираат ова преку кратења во програмите за здравствена заштита (Medicaid) и помош за храна. Според проценките на Конгресната буџетска канцеларија, законот ќе го зголеми федералниот дефицит за околу 3.300 милијарди долари во следната деценија.
Фискално конзервативните републиканци се незадоволни бидејќи очекувале уште подрастични кратења. Џонсон има тесен маневарски простор – може да загуби најмногу тројца пратеници, од дваесетината кои размислуваат да гласаат против.
Дел од републиканците се повлекоа од поддршката, загрижени од растот на јавниот долг кој надмина 37.000 милијарди долари, и од речиси 1.000 милијарди долари кратења во здравството. Според проценки, 17 милиони Американци би можеле да го загубат здравственото осигурување, а милиони сиромашни ќе останат без купони за храна. Се очекува и затворање на болници во посиромашните региони.
Трамп, преку својата мрежа Трут Соушл, ги повика републиканците во Конгресот да ја „завршат“ работата, апелирајќи за обединување на партијата и игнорирање на „глумците“ што се спротивставуваат.
Демократите најавија дека законот ќе биде тема во нивната кампања за изборите во Конгресот во 2026 година, нарекувајќи го „одвратна прераспределба на богатството од сиромашните кон богатите“.
- Републиканците во Сенатот треба да се срамат што усвоија оваа грозотија“, изјави лидерот на демократското малцинство Хаким Џефрис. - А уште повеќе треба да се срамат оние во Претставничкиот дом што му попуштаат на екстремниот план на Доналд Трамп, додаде тој.