Швајцарците исклучија нуклеарка поради превисоката температура на водата во река

3.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Швајцарците исклучија нуклеарка поради превисоката температура на водата во река

„Вчера вечерта привремено го затворивме вториот нуклеарен реактор за да ја заштитиме флората и фауната во областа на реката Аре од понатамошно затоплување“, се вели во соопштението на компанијата. „Привременото исклучување не претставува закана за безбедноста на снабдувањето со електрична енергија или безбедноста на реакторот Безнау“, се додава.

Во вторник попладне, компанијата го затвори првиот реактор во нуклеарката и го намали производството на електрична енергија во вториот реактор, кој работеше со половина капацитет до среда вечерта.

Прекумерна температура на водата

Компанијата забележа дека поради високите температури на реката Аре, постепено го намалуваше производството во последните денови, а нуклеарната централа веќе работеше со половина капацитет во неделата.

Реакторите во нуклеарната централа се ладат со вода од Аре, која потоа се враќа во реката. Според швајцарскиот закон, ако температурата на реката надмине 25 степени, нуклеарната централа се исклучува од мрежата.

Според хидролошките податоци на швајцарските власти, температурата на реката Аре достигнала максимум од 25,1 степени во изминатите 24 часа во областа долж границата со Германија, а моментално изнесува 24,9 степени.

Нуклеарната централа Безнау се наоѓа во Детинген, на околу седум километри од границата со Германија. Пуштена е во употреба во 1969 година, е меѓу најстарите активни нуклеарни централи во светот и нема кули за ладење.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата