Кина се противи на предлогот на Трамп за присилно раселување на Палестинците од Газа

5.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кина се противи на предлогот на Трамп за присилно раселување на Палестинците од Газа

Кина се противи на предлогот на американскиот претседател, Доналд Трамп за насилно раселување на Палестинците од Појасот Газа и се залага за решение со две држави, Палестина и Израел, како одговор за постигнување траен мир на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.

-Се надеваме дека сите релевантни страни ќе го прифатат прекинот на огнот во Газа и повоената администрација како можност за враќање на палестинското прашање на вистинскиот пат на политичко решение засновано на решение со две држави, со цел да се постигне траен мир на Блискиот Исток, рече Лин.

Тој нагласи дека Кина верува дека „Палестинците треба да управуваат со Палестина“, што, како што рече, треба да биде основниот принцип за повоена Газа, пишува „Глобал тајмс“. Трамп предложи Палестинците да се преселат од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го одбија.

-Кина ги повикува САД да ги поправат своите погрешни практики, да ги решат своите проблеми преку еднакви консултации и да ја промовираат стабилноста на кинеско-американските односи, нагласи Лин.

Кина вчера објави дека воведува дополнителни царини за одредени увезени стоки од САД почнувајќи од 10 февруари, како одговор на американските царини. Од 10 февруари Кина воведува дополнителни царини од 15 отсто за увоз на јаглен и течен природен гас со потекло од САД./МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата