Официјален Берлин категорично против плановите на Трамп за раселување на Палестинците од Газа

5.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Официјален Берлин категорично против плановите на Трамп за раселување на Палестинците од Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок категорично ги отфрли плановите на Трамп за присилно отстранување и раселување на палестинското население од Појасот Газа, јави ДПА.

- Протерувањето на палестинското цивилно население од Газа не само што е неприфатливо и спротивно на меѓународното право, туку би предизвикало нови страдања и нова омраза, изјави денеска Бербок во Берлин.

Таа нагласи дека „сите се согласуваат оти Газа мора што поскоро да се обнови“, за што ќе биде потребна обемна меѓународна помош.

- Ние, Европејците, сме подготвени да ја дадеме нашата поддршка заедно со САД и партнерите во регионот, додаде Бербок.

Трамп, за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, изјави дека САД сакаат да преземат контрола врз Појасот Газа, кој е речиси целосно уништен по повеќе од една година израелско бомбардирање.

Според него, околу два милиони Палестинци што живеат во Газа би требало да бидат преселени во други арапски држави во регионот.

Предлогот предизвика остра меѓународна осуда.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, за време на посетата на Јордан, изрази скептицизам во врска со предлогот на Трамп.

- Тука, во регионот, слушам само загриженост, изјави тој по средбата со кралот Абдула Втори во Аман.

Штајнмајер нагласи дека внимателно ги бира зборовите, но истакна дека на регионот му е потребно одржливо решение, а не краткорочни мерки.

Претходно, германскиот претседател имаше политички разговори и во Саудиска Арабија, каде забележал дека постои очекување за поширок ангажман не само за стабилноста на Израел и Палестинците, туку и за целиот регион.

- Ни треба целосно нов пристап, истакна Штајнмајер.

По посетата на Јордан, тој отпатува за Анкара, каде се очекува на средбата со турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган да се дискутира за иднината на Сирија по падот на Башар ал-Асад, како и за натамошниот развој на ситуацијата во Газа по постигнатиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Бербок, пак, нагласи дека на цивилното население во Газа му е потребна „помош за иднина на нивната земја – со безбедност, достоинство и во мирен соживот со Израел“. Таа повика на „вистински политички перспективи“ за Газа, во кои терористите на Хамас повеќе нема да имаат никаква улога.

- Истовремено, едно е јасно: Газа – исто како и Западниот Брег и Источен Ерусалим – ѝ припаѓа на палестинската популација. Тие се основата за идната палестинска држава, истакна германската министерка.

Таа потсети дека меѓународните институции, вклучително Г7, ЕУ и ОН, од самиот почеток јасно ставија до знаење дека „цивилното население во Газа не смее да биде раселено, а Газа не смее да биде трајно окупирана или одново населена“.

Како единствено решение што ќе овозможи мир, безбедност и достоинствен живот за Палестинците и Израелците, Бербок повторно ја нагласи потребата од договорено решение за две држави. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата