Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека ослободувањето на заложниците што ги држи палестинската милитантна група Хамас во Газа е клучот за решавање на тешката криза во Појасот Газа и ги отфрли обвинувањата дека Израел сноси одговорност за гладувањето на населението во таа енклава.
Во обраќањето пред медиумите во Вилнус заедно со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, со кого претходно се сретна, Херцог покажа фотографии од заложниците Рома Браславски и Евјатар Давид, кои изгледаат крајно исцрпено на видеата објавени во последните денови од Хамас и палестинската терористичка група Исламски џихад, објавува „Тајмс оф Израел“.
„Овие ужасни слики се уште еден доказ за суровата тортура на која се подложени невини Израелци од рацете на Хамас, додека Израел истовремено обезбедува испорака на хуманитарна помош во Газа“, рече Херцог.