Меѓу министрите за одбрана на земјите членки на НАТО „речиси да постои консензус“ околу зголемувањето на трошоците за одбраната на ниво од пет проценти од БДП, изјави американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет по завршувањето на денешното заседание на Северноатлантскиот совет во Брисел.
- Мислам дека вреди да се одвои еден момент за да се забележи историската природа на она што штотуку се случи, што сепак не е крајно решение, бидејќи се уште има уште многу да се направи, изјави Хегсет.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Брисел, додаде дека верува оти НАТО за неколку недели ќе се обврзе на целта за зголемување на одбранбените трошоци на пет проценти од БДП, од кои 3,5 проценти за воени потреби и 1,5 отсто за инфраструктура и активности поврзани со одбраната.
Хегест нагласи дека кога американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат ја постави целта за зголемување на трошоците за одбрана на членките на НАТО на два отсто во БДП, многумина велеа дека тоа е невозможно.
- Претседателот Трамп рече дека и другите земји треба да го носат товарот, да го платат фер својот дел, но многу луѓе мислеа дека тоа е невозможно и не може да се случи. Но, еве не сега земјите далеку го надминуваат нивото од два отсто и мислиме дека сме многу блиску, речиси блиску до консензусот за обврска од пет проценти за НАТО, рече американскиот секретар за одбрана.
Тој додаде дека за многу земји „од Франција, до Германија, до балтичките земји, до нордиските земји, до Полска, до Грција, до Унгарија, па се до многу други“ обврската е пет отсто за трошоци за одбраната.
- Кога ќе ги земете предвид заканите со кои се соочуваме, итноста во светот, тоа е клучно, истакна Хегест, додавајќи дека на НАТО не му требаат повеќе знамиња, туку повеќе борбени формации и не му требаат повеќе конференции, туку повеќе капацитети и моќ.
Хегест потенцира дека во услови кога Трамп се обврза да потроши илјада милијарди долари од сопствениот буџет за одбраната, време е и американките сојузници во Европа да се засилат уште повеќе и да ја преземат водечката улога во одбраната на континентот.
- Сега е време Европа да се засили, додаде Хегсет.
Тој ги отфрли информациите дека САД би можеле да се повлечат од НАТО ако европските сојузници не се засилат, но нагласи дека „Америка не може да биде насекаде цело време, ниту пак треба да биде“.
- Постојат причини зошто имаме трупи на одредени места. Ние го почитуваме тоа и сфаќаме дека беше разумно да ја разгледаме таа поставеност на силите во реално време заедно со нашите сојузници и партнери, за да се осигураме дека се со вистинска големина. Не сакам да ја прескокнувам одлуката на претседателот (Трамп) за тоа, но ние разгледуваме се и мислам дека нашите сојузници и нивната посветеност и подготвеност да трошат повеќе значат многу, рече Хегест.
Тој одново потенцира дека со неговите барања до сојузниците за засилување и зголемување на трошоците за одбраната, Трамп одново ја оживеал Алијансата.
- Тоа беше Алијанса која месечареше до ирелевантност, а претседателот Трамп во својот прв мандат рече дека треба да се засилите и да трошите повеќе. И тој го стори истото во овој мандат.
И она што го видов сега беа земји подготвени да се засилат за да ги поместат границите на она што можат да го направат. Тоа е добра работа. Тоа се пријатели, помагање на пријателите, рече Хегест.
Запрашан дали тоа што тој не учествуваше на вчерашниот состанок на Контакт групата за Украина треба да се сфати како порака дека САД повеќе не ја поддржуваат земјата, Хегест изјави дека тоа не е точно, посочувајќи дека место него присуствувал американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, кој дал свој придонес во состанокот.
- Од почетокот на оваа Администрација, работевме со нашите британски и германски колеги за тие да ја преземат водечката улога во таа Контакт група, што тие и го направија и јас го ценам тоа, додаде Хегсет.