Канада од утре воведува контрацарини на САД во вредност од 29,8 милијарди долари

12.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Канада од утре воведува контрацарини на САД во вредност од 29,8 милијарди долари

Канада ќе воведе одмазднички царини за увозни производи од САД во вредност од 29,8 милијарди канадски долари (20 милијарди американски долари), почнувајќи од утре, како одговор на царините на американскиот претседател Доналд Трамп за челикот и алуминиумот, изјави канадскиот министер за финансии Доминик Леблан.

Зголемените американски царини за увоз на челик и алуминиум стапија во сила денеска, откако истекоа роковите за претходните изземања, квоти без царина и исклучоци за одредени производи. Ова е дел од пошироката стратегија на Трамп за реструктуирање на глобалните трговски правила во корист на САД.

Канада е најголемиот странски снабдувач на челик и алуминиум за американскиот пазар.

- Нема да стоиме со скрстени раце додека нашите стратешки индустрии за челик и алуминиум се неправедно таргетирани, изјави Леблан, додавајќи дека Канада ќе примени принцип на реципрочни контрамерки „долар за долар“.

Контра-мерките на Отава опфаќаат царини од 12,6 милијарди канадски долари за челик, 3 милијарди CAD за алуминиум и дополнителни 14,2 милијарди CAD за други увозни американски производи, вклучително и компјутери, спортска опрема и производи од леано железо.

Ова е втората рунда царини кои Канада ги воведува како одговор на американските трговски мерки, откако во март воведе тарифи за американски стоки во вредност од 30 милијарди CAD 

Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, ги нарече овие тарифи „неоправдани“ и најави координација со европските сојузници за зголемување на притисокот врз Вашингтон.

Истовремено, новоизбраниот премиер Марк Карни, кој наскоро ќе ја преземе функцијата од Џастин Трудо, најави дека ќе бара нова основа за трговски односи со Вашингтон.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата