- Го гледам тоа со голема загриженост – овие држави сакаат да се вратат во време кога моќта и силата одредуваа кој е главен, рече Калас во интервју за германската медиумска група РНД. Како пример таа го наведе неодамнешниот самит на Шангајската организација за соработка (ШОС) во кинескиот град Тјенџин.
Калас истакна дека Европската Унија може да се наметне како кредибилен геополитички играч, но само ако дејствува обединето и брзо носи одлуки, користејќи го пристапот на „морков и стап“.
Во интервјуто за германскиот весник „Редакциенсверк Дојчланд“ таа денеска предупреди дека разговорите за Украина да се откаже од територија, се дел од руската стратегија. Калас повика Европа поблиску да соработува со Вашингтон за да ѝ се спротивстави на Москва.
- Русите сакаат да разговараме за тоа што Украина мора да отстапи за да се постигне мир, целосно игнорирајќи го фактот дека самиот Кремљ досега не направил никакви отстапки, рече Калас. - Оваа дискусија за можни територијални отстапки е стапица и ние не смееме да паднеме во неа. Наградата за агресија ќе биде повеќе војна, а не помалку, потенцира шефицата на дипломатијата на ЕУ.
Таа ја опиша руската преговарачка тактика како процес во три чекори: прво барање на нешто што никогаш не го имале, потоа ултиматуми и закани, за на крај Западот да биде подготвен да ги исполни барањата на Москва.
Максималистичките барања на Русија вклучуваат целосна контрола врз четири украински региони кои само делумно ги окупира – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Москва, исто така, бара Украина де јуре да ја признае нивната незаконска анексија.
Според Њујорк Тајмс, на Самитот во Алјаска минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин претставил мировен план според кој Украина би отстапила неокупирана територија во замена за писмено ветување од Москва дека нема повторно да изврши инвазија. Како што изјавиле официјални лица за весникот, американскиот претседател Доналд Трамп го поддржал предлогот на Путин како најбрз пат до мир.
Иако призна дека администрацијата на Трамп „суштински го променила“ начинот на кој САД ја води надворешната политика, Калас истакна дека Вашингтон останува „најважниот партнер“ на ЕУ во борбата против заканите од Москва. Таа нагласи дека сака да го подобри односот меѓу Вашингтон и Брисел и дека е постигнат напредок во последните недели.
И покрај тоа што Трамп предложи средба меѓу претседателите Володимир Зеленски и Путин, рускиот лидер на 5 септември изјави дека „не гледа многу смисла“ во тоа. Калас смета дека ЕУ треба да го искористи одложувањето од страна на Путин, бидејќи Трамп е „многу нетрпелив“.
- За мир секогаш се потребни двајца, а за војна еден. Украина сака мир, Американците сакаат мир, Европејците сакаат мир. Единствениот кој ги исмева и се потсмева на сите мировни напори е Владимир Путин, заклучи Калас.
Според Зеленски, во интервју за Еј-Би-Си Њуз објавено на 9 септември, Путин му соопштил на претставникот на Трамп, Стив Виткоф, дека има намера целосно да го окупира украинскиот регион Донбас до крајот на 2025 година. Украинскиот лидер предупреди дека плановите на Москва можат да чинат „години и милион луѓе“, па дури и „два или три милиони трупови“ доколку Русија ја интензивира својата офанзива.