Здравствените власти во Газа објавија дека Израел денеска убил 53 лица во напади низ енклавата, повеќето од нив во градот Газа каде што израелските сили веќе стигнаа до надворешните предградија и се на неколку километри од центарот.
Израел започна офанзива врз градот Газа на 10 август. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека планот за напад бил да се уништи Хамас во областа каде што се водеа најтешките борби во првите денови од војната, пишува Ројтерс.
„Сакам да умрам таму, не е важно дали ќе заминеме или ќе останеме“
Новата израелска офанзива предизвика критики од меѓународната заедница поради веќе тешката хуманитарна ситуација во областа и предизвика загриженост и во израелското општество, со извештаи за тензии меѓу воените претставници и политичките лидери.
„Овој пат не ја напуштам куќата, сакам да умрам таму. Не е важно дали ќе заминеме или ќе останеме. Десетици илјади од оние што ги напуштија своите домови беа убиени така и така, па зошто да се мачиме?“, изјави за Ројтерс Ум Мадер, мајка на пет деца од градот Газа.
Жителите известуваат дека Израел ги таргетирал населбите Зејтун, Сабра, Туфа и Шеџаја во четврток. Тенковите, од друга страна, влегле во источниот дел од квартот Шеик Радван, кој се наоѓа северозападно од центарот на градот.
Поголемиот дел од градот Газа бил уништен во првите недели од офанзивата во октомври и ноември 2023 година. Пред војната, таму живееле околу еден милион луѓе, а се верува дека неколку стотици илјади се вратиле да живеат меѓу урнатините, особено откако Израел започнал напади врз други делови од енклавата.