Иран егзекутира млад правник поради протестите- имаше 26 години (ВИДЕО)

22.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран егзекутира млад правник поради протестите- имаше 26 години (ВИДЕО)

Веста денеска ја објави официјалната новинска агенција на иранското правосудство Мизан и опозициска група, пренесува Ројтерс.

Обвиненија и официјалната верзија

Агенцијата Мизан објави дека Мехди Канеки е погубен. Според официјалното образложение, тој бил егзекутиран затоа што со своите „оперативни акции“ им помагал на Израел, САД и други непријателски групи. Тој е обвинет и за злосторства извршени за време на протестите во јануари и за производство и поседување оружје.

Опозицијата има различни тврдења

Националниот совет на отпорот на Иран (NCRI), кој е со седиште во Париз и е политичко крило на Народната муџахединска организација на Иран (PMOI), тврди дека Канеки бил обесен поради неговото членство во PMOI и неговото учество во протестите во градот Карај.

NCRI наведува дека Канеки, 26-годишен дипломиран правник, „со месеци бил подложен на физичка и психичка тортура“.

„Десетици други членови на ПМОИ сè уште чекаат егзекуција или се соочуваат со егзекуција во режимските затвори“, се вели во соопштението на групата. Тие, исто така, објавија дека осум нивни членови биле егзекутирани меѓу 30 март и 20 април.

Контекст и број на егзекуции

Во последните месеци, Мизан и иранските медиуми објавија повеќекратни егзекуции на луѓе поврзани со PMOI. Во истиот период за кој NCRI наведува осум егзекуции на своите членови, иранските медиуми забележаа вкупно 12 егзекуции.

ПМОИ, позната на персиски како Муџахедин-е-Калк, е забранета во Иран и не се знае колкава поддршка има внатре во земјата. Заедно со монархистите кои го поддржуваат Реза Пахлави, син на соборениот Шах во егзил, ПМОИ е една од ретките опозициски сили кои успеваат да се организираат и да соберат поддржувачи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата