Фон дер Лајен: Ова е пресвртен момент за Европа кога се потребни значајни мерки и единство

6.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Ова е пресвртен момент за Европа кога се потребни значајни мерки и единство

Овој Европски совет се одржува во многу важно време, кога се потребни значајни мерки, за што е потребно единство, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа.  

- Ова е пресвртен момент за Европа. Украина е дел од нашето европското семејство и ова е и пресвртен момент и за Украина. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа треба да биде способна да се заштити и одбрани себе си, рече Фон дер Лајен придружувана од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и украинскиот претседател Володимир Зеленски.  

Според Фон дер Лајен, ЕУ треба да и овозможи на Украина да се заштити и да постигне траен и праведен мир, затоа што сака „мир преку зајакнување“.  

- Тоа е причината поради која денеска пред лидерите ќе го презентирам Планот „Ревооружување на Европа“. Тој план предвидува до 800 милијарди евра за одбранбени инвестиции и на земјите членки им овозможува фискален простор да инвестираат во одбраната и во украинската одбранбена индустрија, со цел да се обезбедат одбранбени капацитети наменети директно за Украина, додаде Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека на овој начин со повторното вооружување на Европа се ревооружува и ЕУ, но и Украина и нејзината егзистенцијална борба за суверенитет и територијален интегритет. 

- Ова е многу важен момент да покажеме дека стоиме покрај Украина онолку долго колку што е потребно, нагласи претседателката на ЕК. 

Зеленски: Со поддршката од ЕУ, Украина чувствува дека не е сама 

Украина и е благодарна на Европската Унија за нејзината силна поддршка од самиот почеток на војната и во текот на целиот овој период, како и во текот на минатата недела, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа, на кој е поканет како гостин. 

- Вие останавте со нас. Многу сме ви благодарни што не сме сами. И тоа не се само зборови. Ние го чувствуваме тоа, рече Зеленски придружуван од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Според Зеленски, од исклучителна важност е што ЕУ испрати „силен сигнал“ до украинскиот народ, до борците, до цивилите и до сите украински семејства дека не се сами. 

- Го чувствуваме и го знаеме тоа. Тоа е сигнал за зголемување на нашето (одбранбено) производство и за зајакнување на нашата безбедност. Тоа се важни одлуки, додаде Зеленски.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата