Фон дер Лајен најави предлог за делумна суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

10.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен најави предлог за делумна суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред европратениците, познато како „Состојбата на Европската Унија“, најави дополнителни мерки против Израел како одговор на случувањата во Газа, вклучително и делумна суспензија на Договорот за асоцијација.

- Она што се случува во Газа ја потресе совеста на светот. Луѓе убиени додека молат за храна. Мајки кои држат безживотни бебиња. Овие слики се едноставно катастрофални. Затоа сакам да започнам со многу јасна порака. Гладот ​​предизвикан од човекот никогаш не може да се користи како оружје. За доброто на децата, за доброто на човештвото ова мора да престане, рече Фон дер Лајен.

Покрај директна помош за жителите на Газа, според Фон дер Лајен, Европа треба да направи повеќе и затоа Европската комисија ќе предложи дополнителни мерки против Израел и покрај непостоењето на консензус меѓу земјите членки.

- Комисијата ќе направи се што може сама. Ќе ја замрзнеме нашата билатерална поддршка за Израел. Ќе ги запреме сите исплати, без тоа да влијаеме на нашата работа со израелското граѓанско општество или (Меморијаниот центар на Холокаусот) Јад Вашем. Ќе предложиме санкции за екстремистичките министри и за насилните доселеници. Исто така, ќе предложиме делумно суспендирање на Договорот за асоцијација за прашања поврзани со трговијата, најави Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека е свесна дека овие предлози за некого ќе биде премногу, за некого премалку, но Парламентот, Советот на ЕУ и Комисијата ќе мора да ги преземат своите одговорности за да се обебзеди мнозинство за поддршка на предлозите.

- Навистина ме боли да ги кажам овие зборови и знам дека за многу граѓани, неможноста на Европа да се усогласи за заеднички пат напред е подеднакво болна. Тие прашуваат колку полошо мора да се влошат работите пред да има единство во одговорот. Она што се случува во Газа е неприфатливо и затоа што Европа мора да биде лидер - исто како што правеше и досега, додаде Фон дер Лајен.

Таа најави и формираење на „Донаторска група за Палестина“ следниот месец, вклучително и наменски инструмент за обнова на Газа.

- Сведоци сме на финансиско задушување на Палестинската самоуправа. На активности и изјави на најекстремните министри во израелската Влада кои поттикнуваат насилство. Сето ова укажува на јасен обид за поткопување на решението со две држави и на визијата за одржлива палестинска држава. Не смееме да дозволиме тоа да се случи, додаде Фон дер Лајен. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата