Европратениците повикаа на активности за зајакнување на економијата и одбраната на ЕУ

1.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европратениците повикаа на активности за зајакнување на економијата и одбраната на ЕУ

Во дебатата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, европратениците се заложија за зајакнување на стратешката автономија и прилагодливоста на ЕУ, како одговор на американските царини за одредени стоки произведени во Унијата. 

За постигнување на овие цели, според европратениците, потребно е да се поедностават условите за работа на европскиот бизнис сектор и да се намали неговиот административен товар. Сепак, според дел од нив, овие „економски реформи“ не треба да ги поткопаат целите утврдени со Европскиот зелен договор, насочени кон заштита на климата и постигнување на климатска неутралност.  

Кога станува збор за Украина, повеќето европратеници повикаа на целосно спроведување на воведените санкции кон Русија, користење на замрзнатите руски средства за обнова на Украина, како и за преземање зголемени безбедносни обврски кон Киев.  

Дел од пратениците посочија и дека ЕУ мора да посвети подеднакво внимание на ситуацијата на Блискиот Исток, како што посветува и на Украина, оценувајќи дека надворешната политика на Унијата има двојни стандарди. 

Во расправата не беше одмината ниту одлуката на Унгарија да го блокира усвојувањето на заклучоците за Украина на мартовскиот Самит, при што дел од пратениците оценија дека со ваквото свое однесување, Будимпешта ја поткопува способноста на Унијата да дејствува ефикасно во услови на криза. 

Некои европратеници во дебата изразија и „загриженост за демократските случувања“ во Унгарија, повикувајќи ЕУ да преземе мерки за заштита на основните права и европските вредности во земјата. 

Во однос на прашањето за миграцијата, неколкумина европратеници ја истакнаа потребата од координиран пристап во процесот на враќање на мигрантите чии барања за азил се одбиени, залагајќи се за побезбедни и поефикасни патишта за нивно враќање. Дел од нив повикаа и на зајакнување на партнерства со земјите на потекло на мигрантите, насочени кон надминување на основните причини за миграцијата. 

Во своето воведно обраќање на дебатата, Кошта нагласи дека меѓу лидерите на земјите членки на ЕУ преовладува „јасното чувство на итност“ за зајакнување на конкурентноста на Европа и создавање услови за повеќе инвестиции во одбраната.  

Тој оцени дека Самитот од 20 март беше пресвртница во заложбите за посилна и суверена ЕУ, истакнувајќи дека само попросперитетна економија ќе се обезбедат ресурси за инвестиции во европската одбрана. За таа цел, според него, потребна е „решителна акција“ за зголемување на иновациите и продуктивноста и за намалување на бирократијата. 

Фон дер Лајен, пак, истакна дека ЕУ има за цел преку преговори да дојде до решение за царините воведени од страна на САД, додавајќи дека доколку тоа не се случи, Унијата има „силен план“ за да одговори на овие американски мерки и дека ќе ги искористи. 

Таа се заложи и за диверзифицирање на односите на ЕУ со другите партнери и за „поврзување на единствениот пазар“, најавувајќи дека Европската комисијата во текот на следниот месец ќе предложи мерки за отстранување на постојните пазарни бариери и за спречување на појава на нови. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата