„За“ прифаќање на иницијативата гласаа 175 европратеници, 360 беа „против“, а 18 се воздржаа од гласање.
За да биде прифатена иницијативата требаше да биде поддржана од најмалку две третини од европратениците што учествуваа во гласањето, при што нивниот број требаше да биде поголем од половина од вкупниот број членови на Европскиот парламент.
Дебатата по иницијативата се одржа во понеделникот, при која Пипереа ја обвини Европската комисија за недостиг на транспарентност, непочитување на правдата, избегнување на дебати и за заобиколување на одлуките на Европскиот парламент.
- Во последните шест години Комисијата на злоупотребувачки начин им ги одзеде овластувањата на земјите членки и го игнорираше Европскиот парламент во неговите главни одлуки. Недемократската концентрација на моќ во рацете на претседателката на Европската комисија е спротивна на принципите на контрола и рамнотежа. Процесот на донесување одлуки стана нетранспарентен и дискреционен, што предизвикува страв од злоупотреби и корупција, изјави Пипера.
Според него, политиките на Евромисијата резултирале со пропаѓање на мали компании, ризици по суверенитетот на државите и со фрагментацијата на заедничкиот пазар, зголемувајќи ги разликите меѓу земјите членки на ЕУ, а сиромаштијата и регресот во образованието станале нормалност.
Во обраќањето на дебатата во понеделникот Фон дер Лајен ги отфрли обвинувањата на Пипереа, оценувајќи дека иницијативата претставува груб обид за внесување раздор меѓу институциите на ЕУ и меѓу проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент. Фон дер Лајен нагласи дека Европската комисија секогаш ќе биде подготвена да соработува со европратениците од проевропските и продемократски сили во Европарламентот за изнаоѓање заеднички решенија, бидејќи, како што рече, духот на компромис е суштина на демократијата.
- Но, не треба да имаме илузии за заканите со кои се соочува нашата демократија. Влеговме во ера на борба помеѓу демократијата и нелиберализмот. Ја гледаме алармантната закана од екстремистичките партии кои сакаат да ги поларизираат нашите општества со дезинформации. Нема докази дека тие имаат какви било одговори, но има доволно докази дека многумина се поддржани од нашите непријатели и од нивните марионети во Русија или на друго место. Ова се движења поттикнати од заговори, од антиваксери, па до апологети на Путин, рече Фон дер Лајен.
Инаку, Фон дер Лајен не присуствуваше на денешното гласање, бидејќи учествува на Конференција за поддршка на Украина во Рим.
Фон дер Лајен отпатува за Рим синоќа, откако постигна договор со лидерите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) за одвојување на вреди околу 150 милијарди евра во следната Повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ, наменети за стручно усовршување на работниците и за мерки за социјална инклузија.
Постигнувањето договор беше значајно за Фон дер Лајен, затоа што СД се закани дека ако не бидат прифатени овие барања, нејзините пратеници ќе се воздржат од гласање при изјаснувањето по иницијативата на Пипереа.
Иако, воздржувањето на социјалдемократите од гласање немаше да доведе до прифаќање на иницијативата, сепак тоа ќе манифестираше слаба поддршка за Еврокомисијата од партиите на центарот и пад на влијанието на Фон дер Лајен во Европарламентот.