Цезар е член на Латинските кралеви, озлогласена нарко банда во Еквадор. Корумпиран полицаец го регрутирал да работи за албанската мафија, една од најактивните европски мрежи за шверц на кокаин.
Албанската мафија го проширила своето присуство во Еквадор во последниве години, привлечена од шверцерските патишта низ земјата, а сега контролира голем дел од пратките на кокаин од Јужна Америка во Европа. „Иако Еквадор не произведува дрога, 70% од кокаинот во светот сега минува низ нашите пристаништа“, вели еквадорскиот претседател Даниел Нобоа.
Дрогата е шверцувана од Колумбија и Перу, најголемите светски производители на кокаин. Полицијата соопшти дека минатата година запленила рекордно количество илегална дрога, главно кокаин, што укажува на пораст на вкупниот извоз, јавува Би-Би-Си.
Само во јануари се случиле 781 убиство
Последиците се смртоносни: во јануари 2025 година се регистрирани 781 убиство. Тоа бил најсмртоносниот месец во последните години. Многу убиства се поврзани со илегалната трговија со дрога.
Цезар (36) почнал да работи за картелите кога имал 14 години, наведувајќи ги лошите можности за работа како една од причините: „На Албанците им требаше некој да решава проблеми. Познавав чувари на пристаништето, возачи, надзорници на камерите“. Ги поткупуваа да ги затворат очите и повремено да ги исклучуваат камерите.
По пристигнувањето на кокаинот во Еквадор од Колумбија или Перу, тој се чува во магацини додека албанските работодавци на Цезар не дознаат за бродскиот контејнер наменет за Европа. Бандите користат три главни методи за шверц на кокаин: криење на дрогата во товар пред да пристигне во пристаништето, пробивање во контејнери во пристаништето или прикачување на дрогата на бродови на море.
Понекогаш Цезар заработува и до 3.000 долари за една работа, но поттикот не се само парите: „Ако не ја работиш работата што ја сакаат Албанците, ќе те убијат“. Цезар вели дека чувствува одредено каење за неговата улога во трговијата со дрога, особено за, како што ги нарекува, „колатералните жртви“.
Но, тој смета дека вината е во земјите каде што се консумира дрогата. „Ако потрошувачката продолжи да расте, ќе расте и шверцот. Тоа е незапирливо.“
Во овој синџир не се вклучени само членовите на бандата, туку и обичните работници. Хуан е возач на камион. Еден ден презел пратка туна за транспорт до пристаништето. Тој вели дека нешто му изгледало сомнително.
Две третини од контејнерот е полн со банани
„Првиот знак за предупредување беше кога стигнавме до магацинот и имаше само товар, ништо друго. Магацинот беше изнајмен, без име на фирма. Два месеци подоцна видов на вестите дека во Амстердам се запленети контејнери полни со дрога“, вели Хуан.
Некои возачи несвесно превезуваат дрога; други се принудени – ако одбијат, ги убиваат. Европските банди ги привлекува Еквадор поради неговата локација, но и поради тоа што легалниот извоз овозможува практичен начин да се сокрие нелегалниот товар.
„Извозот на банани сочинува 66% од контејнерите што го напуштаат Еквадор, 30% од товарот оди во Европската унија, каде потрошувачката на дрога се зголемува“, објаснува претставникот на индустријата за банани, Хозе Антонио Идалго.
Некои банди дури основале лажни компании за извоз на овошје во Европа како фронт за нелегални активности. Европските шверцери се претставуваат како бизнисмени. Еден неславен пример е Дритан Ѓика, наводниот водач на албанската мафија во Еквадор.
Обвинителите велат дека тој имал удел во компании за извоз на овошје од Еквадор и увозни компании во Европа кои ги користел за шверц на кокаин. Тој се уште е на слобода, но многу од неговите соработници се осудени по мултинационална полициска операција.
Адвокатката Моника Лузарага застана во одбрана на еден од неговите соработници и сега отворено зборува за нејзиното знаење за начинот на работа на овие мрежи: „Во текот на тие години извозот на банани во Албанија цветаше. Целата економија овде стагнираше. Само извозот на банани се зголеми. Јасно е зошто“.
Во еквадорските пристаништа полицијата и војската се обидуваат да ја контролираат ситуацијата. Чамци патролираат низ водите, полицијата скенира кутии со банани за пакувања со кокаин, па дури и полициски нуркачи бараат дрога скриена под бродовите.
Речиси 300 тони дрога беа запленети во 2024 година
Сите се тешко вооружени, дури и оние кои само ги чуваат кутиите со банани пред да бидат натоварени на контејнерските бродови. Доколку се најде дрога при претрес, веројатно е вмешан корумпиран пристанишен работник, што може да доведе до насилство.
И покрај тие напори, полицијата вели дека количината на кокаин што успешно се прошверцува од Еквадор достигна рекордно ниво. Тие ја обвинуваат за ова растечката побарувачка и економските фактори. Минатата година биле запленети речиси 300 тони дрога, што е нов годишен рекорд.
Мајорот Кристијан Козар Куева од Националната полиција вели дека во последните неколку години има зголемување на заплените наменети за Европа за околу 30%. Ова зголемување на испораките на кокаин ја направи ситуацијата поопасна за оние кои се фатени во синџирот на снабдување.
Возачот на камионот Хуан вели дека зголемувањето на „контаминацијата на контејнерите“ го загрижува и го загрозува.
Тој вели дека полицајците заплениле контејнер со два тона дрога претходниот ден: „Порано беа килограми, сега зборуваме за тони. Ако не ги „загадиш“ контејнерите, имаш две опции: да ја напуштиш работата или да завршиш мртов.“
Економијата ослабена од пандемијата доведе уште повеќе Еквадорци кон бандите. Земјата која беше финансиски исцрпена по пандемијата, безбедносните сили со мало искуство во борбата против организираниот криминал и слабите визни правила им дозволија на европските банди да имаат присуство во земјата по 2020 година.
Моника Лузарага вели дека 2021 година била пресвртна точка за пробивот на албанската мафија. Таа вели дека тој период се совпаднал со приливот на албански државјани и порастот на извозот на банани: „Ова е профитабилен бизнис што му штети на Еквадор и им користи на криминалните организации. Како можеме да прифатиме економија изградена на страдање?“
Овој гнев кон странските картели не е изненадувачки со оглед на нивниот придонес во порастот на насилството. Но, има едно нешто за кое се согласуваат и шверцерите и полицијата: трговијата е поттикната од потрошувачите, особено во Европа, САД и Австралија. Податоците на ОН покажуваат дека глобалната потрошувачка на кокаин достигнала рекордно ниво.
Одговорноста е на земјите чии граѓани конзумираат дрога
Оние кои се борат против овие банди во Еквадор велат дека одговорноста е на земјите чии граѓани се најголеми потрошувачи. Тие треба да ја зајакнат контролата врз оние кои ја финансираат трговијата.
Има многу жртви на шверцот.
За Хидалго, извозниците на банани се тие кои трпат репутација и економска штета. За Лузарага тоа се деца и млади луѓе кои се регрутирани од криминални банди: „Во Европа има граѓани кои се подготвени да платат големи суми за да добијат дрога. Дрога што на крајот ги одзема животите на еквадорските граѓани“.
Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа, кој се кандидира за втор мандат на изборите на 13 април, ја прогласи борбата против криминалните банди за еден од неговите врвни приоритети и ја распореди армијата за да го потисне насилството поврзано со бандите.
„Она што е забава за еден Албанец веројатно вклучува дваесет или повеќе убиства на патот до таа забава“, заклучил Нобоа.