- Кина ги отфрла лажните обвинувања и политичките манипулации. Кина никогаш не испорачала смртоносно оружје на ниту една од страните во конфликтот, изјави на редовната прес-конференција Лин Џиан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека сите производи што можат да се користат и за цивилни и за воени цели подлежат на строги проверки.
Зеленски вчера ја обвини Кина дека ја снабдува Русија со оружје. Повикувајќи се на информации од украинските разузнавачки и безбедносни служби, Зеленски кажа дека испораките вклучуваат барут и артилерија, најавувајќи оти во текот на наредната недела ќе обелодени повеќе информации за кинеско-руската воена соработка. Зеленски претходно го обвини Пекинг и дека одобрува регрутирање на кинески државјани за руската армија.
Кина официјално тврди дека е неутрална во војната меѓу Русија и Украина и повикува на „мирно и дипломатско решавање на конфликтот“. Москва и Пекинг, во февруари 2022 година, непосредно пред Кремљ да го започне нападот врз Украина, објавија „договор за партнерство без ограничувања“.