Овде, звукот на молитвите се меша со ехото на сирените. Овде, децата растат со приказни за храброст, но и со страв од следниот напад. Мирот – иако често спомнуван – е отсутен гостин. А нормалноста? Луксуз што малкумина го поседуваат. Два народа, врзани во судир – не само еден со друг, туку и со минатото, со иднината, со секој нов ден. Првото нешто што ве пречекува кога ќе пристигнете во Израел не се ни светите места, ни раскошните пејзажи, туку лица. Десетици лица. Фотографии на исчезнати, заложници, синови и ќерки, мајки и татковци. Транспаренти, налепници, графити – сите со една иста порака: „Вратете ги дома. Сега. “ И додека Израелците се соочуваат со траумата од нападот, Палестинците ја живеат. Во Газа каде војната беснее, има луѓе, но не и простор за живот. Над два милиони луѓе во 365 квадратни километри, заробени под постојана блокада, во војна, со недостаток на вода, храна, лекови и електрична енергија. Земјата е тука, но нема каде да се живее. Домовите се урнатини, болниците преполни, а училиштата претворени во прибежишта. Кон енклавата тргнавме по патот двесте триесет и два – обичен, асфалтен правец. Но, асфалт што памети. Стотици цивили беа убиени тука обидувајќи се да побегнат од милитантите на Хамас. Патот не водеше кон Сдерот. Снимките од тука го обиколија светот – брутални, ненајавени и болни за гледање. Безбедносните камери снимија напад во живо, не сцена од филм, туку сурова реалност. Градот со триесетина илјади жители до неодамна беше целосно евакуиран. Денес, луѓето се враќаат, но со трауми кои не си заминуваат. Секоја куќа е со засолниште, а униформи има на секој агол.
Од Сдерот, патот не води кон Кфар Аза – кибуц на самата граница, чие име на еврејски значи „село на Газа “. Во минатото, тука работеле Палестинци, а семејства од двете страни оделе заедно на плажа во Појасот, разменувале зборови, некогаш и пријателства. Тоа време денес изгледа како некоја далечна бајка. Кибуцот беше еден од најтешко погодените во нападот на 7 октомври, а најмногу страдаа младите. Нивните домови се оставени како нем сведок на бруталноста. Триесетина биле убиени, а 19 киднапирани. Двајца, се уште се во тунелите на Хамас. Изјави тука не беа предвидени, некои места се погласни од секаков збор. Од другата страна пак, на неполн километар, детскиот џагор е заменет со постојани звуци на експлозии.
Палестинците тука живеат меѓу бомбите од Израел и куршумите на Хамас, заробени од две сили кои говорат на јазикот на оружјето. СЗО состојбата во Газа, ја опиша како една од најстрашните катастрофи на глад која се одвива во реално време. За многумина во Газа, храната е луксуз, а нападите врз хуманитарните конвои се се почести, со се повеќе жртви. Иако формално глад се уште не е прогласен, луѓето веќе умираат од последици поврзани со недостигот на храна. Проценките за оваа хуманитарна катастрофа на која светот е сведок се застрашувачки, дури три четвртини од населението се соочува со „вонреден” или „катастрофален“ недостиг на храна – најтешките категории според меѓународните стандарди. Од Кфар Аза заминавме кон местото каде музиката засекогаш стивна — локацијата на „Нова фестивалот“, кој требаше да биде празник на животот. Илјадници млади луѓе се собраа тука да танцуваат до изгрејсонце, во духот на мирот и слободата, и тогаш дојдоа куршумите. Под сенката на еукалиптовите дрвја, засадени по масакрот, не дочека Мазал — млада девојка, но со поглед на некој што веќе видел премногу. Таа успеала да се спаси. Нејзините пријатели — не.
Регионот е исполнет со историја, борби и битки, а најголем симбол на сето тоа можеби е Голанската висорамнина. Вулканско плато кое Израел го контролира од 1967 година. Двете страни од тогаш се гледаат преку нишан, зад бодликава жица и силни утврдувања. Иако физички далеку од Газа, атмосферата и тука – на северот – е наелектризирана. Напнатоста не е само од сириската страна, каде новата политичка реалност носи уште поголема непредвидливост, туку и од Либан, каде борбите меѓу израелската армија и милитантите на Хезболах до неодамна беснееја.
Од висорамнината каде погледот се губи меѓу ровови и бодликави жици, се симнавме кон градот што со векови носи надеж, но и мачна историја — Ерусалим. Самото име има тежина. Во стариот град, чекорите одекнуваат по калдрмата стара илјадници години. Луѓето минуваат едни крај други – христијани, евреи, муслимани – со исти погледи, ама во различни светови.
А, ако Ерусалим е градот на молитвата, Тел Авив е сосема спротивното. Модерен, урбан и со посебен, независен дух. Град што изгледа како да сака да заборави дека е војна. Но, не може. Централниот плоштад е претворен во жив споменик. Плоштадот на заложниците – место каде секој чекор е обвиен со болка. Фотографиите се насекаде, а дури има и импровизиран тунел на Хамас, во обид да се доловат условите во кои се чуваат тие.
Тука гласно се бара враќање на заложниците и итен прекин на војната. Плоштад кој на виделина ги вади и поделбите во самото израелско општество.
Дури и обидот за нормалност во овој град е кревка илузија. Мирот на ноќта го пресекоа ракетите истрелани од Хутите во Јемен, како да патувале илјадници километри само за да потсетат дека ниту Тел Авив не е недопирлив, дека војната тука е многу поширока.
Вечерата беше прекината. Разговорите замреа. И додека ние застанавме, локалците едноставно продолжија. Како да научиле да вечераат со опасноста. Враќајќи се од овие граници, ридови и пустини, назад кон мојот свет, и повеќе од јасно е дека ова не е обичен конфликт. Ова е земја каде секој човек носи сопствена војна во себе. Во Израел и Газа секој ден почнува со страв, продолжува со надеж, а завршува сосема неизвесно. Тука децата знаат што значи сирена за воздушен напад пред да научат да читаат, мајките погледнуваат кон небото со страв, а возрасните ги прегрнуваат фотографиите на исчезнатите. Од двете страни видов ист страв, ист гнев и иста љубов кон земја која ги мачи. Видов луѓе кои не сакаат војна, но не знаат како да живеат без неа. Луѓе кои молат за мир, а веќе не веруваат дека тој ќе дојде. Можеби затоа и оваа репортажа е без крај. Затоа што мирот тука не е точка, туку прашање, а одговорот се уште не е напишан.