ЕЕАС предлага двојно зголемување на воената помош за Украина од страна на ЕУ

14.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕЕАС предлага двојно зголемување на воената помош за Украина од страна на ЕУ

- Европската унија треба да биде подготвена да оди толку далеку што доколку се покаже за потребно и двојно да ја зголеми воената помош за Украина, на 40 милијарди евра, се наведува во документот на Европската служба  за надворешна акција во кој увид денеска имале британските медиуми.

Во документот, ажурирана верзија на претходниот предлог што не вклучува целна сума, исто така, се наведува дека „секоја земја на ЕУ што учествува во напорите треба да придонесе според својата економска тежина“.

Бидејќи иднината на американската поддршка за Украина е неизвесна, земјите од ЕУ изразија широка подготвеност да продолжат да ја поддржуваат земјата во војната предизвикана од руската инвазија во 2022 година, но дипломатите велат дека неколку земји се противат на фиксирани цели.

ЕУ минатата година и даде воена помош на Украина од околу 20 милијарди евра и ги охрабрува земјите членки да го сторат истото барем во 2025 година, а вкупната сума „потенцијално би можела да достигне“ 40 милијарди евра, во зависност од потребите на Киев.

На новиот самит на Унијата, закажан за следната недела, лидерите на ЕУ најверојатно ќе разговараат за овој предлог на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), предводена од поранешната естонска премиерка Каја Калас.

Нон-пејперот на ЕЕАС, што во дипломатски жаргон значи документ за дискусија, а не официјален предлог, сугерира дека како прв чекор следната недела, лидерите да се договорат да достават два милиона парчиња артилериска муниција со голем калибар во Киев оваа година.

Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан ги критикуваше санкциите на ЕУ за Русија и воената помош за Украина, денеска изјави  дека може да придонесе со средства во заедничката одбранбена политика на ЕУ, но нема да се согласи на заедничко задолжување на ЕУ за одбрана.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата