Kога станува збор за заштита на економски сектори во EУ кога тие се цел на нефер трговски мерки, Европската комисија секогаш ги презема сите можни чекори за нивна заштити и поддршка, за што на располагање ги има потребните инструменти, изјави денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил во врска со „заканите“ на претседателот на САД, Доналд Трамп за оцаринување на увозот на европското вино, доколку Унијата вовед царини на американското виски.
- Сепак тука треба да бидеме многу внимателни за да направиме разлика помеѓу работите што всушност се случиле и искажаните закани, рече Гил, додавајќи дека нема да навлегува во анализи или шпекулации за работи што може да се случат.
Тој нагласи дека ЕУ жали „дури и за тонот на ваквиот тип на изјави“, додавајќи дека царините не користат никому.
- Јасно кажавме дека сакаме САД веднаш да ги укинат царините што веќе ги воведоа и да се откажат од воведување дополнителни царини. Тие не се корист на САД, не се ни од наша користат, не се од корист на потрошувачите, не се од корист за компаниите. Тие не се од корист на никого, додаде Гил.
На прашање дали ЕУ покрај за стоките, планира царини и за американските услуги, Гил изјави дека не би навлегувал во шпекулации за тоа што може или не може да се случи, потенцирајќи дека може да одговори и дава детали само за работите што се случуваат.
- Видовте што се случи оваа недела со царините за кои веруваме дека се неоправдани, нефер и контрапродуктивни и веднаш одговоривме со план да воведеме царини, доколку не успееме да постигнеме договор со нашите американски партнери, додаде Гил.
Тој најави дека еврокомесарот за трговија Марош Шефчович попладнево ќе разговара со своите американски колеги за овие прашања, во обид да се најде решение во корист на двете страни.
- Доколку САД инсистираат да продолжат се овој штетен, контрапродуктивен и како што ние сметаме, длабоко нефер начин на однесување, ние ќе одговориме за да ги заштитиме нашите потрошувачи, да ја заштитиме нашата индустрија и да ги заштитиме еднаквите услови за игра, истакна портпаролот на ЕК.
Според него, чекорите што ги презема ЕУ се соодветни и навремени и со нив таа од една страна јасно става до знаење дека ќе дејствуваме на брз и робустен начин ако биде цел на нефер трговски мерки, но од друга страна остава и простор за преговори.
- Европската комисија целосно стои зад принципот да му се обезбеди извесност и сигурност на бизнисот. Ние не сме тие што ја предизвикуваат неизвесноста. Ние сме тие што сме посветени на отстранување на неизвесноста, рече Гил, додавајќи дека тензиите во економските и трговските односи меѓу ЕУ и САД ќе имаат последици и врз глобалната трговија. /МИА