Чуварите во затворот во Њу Орлеанс, каде што претежно се чуваат луѓе кои чекаат судење или изрекување пресуда, открија дека затвореници на возраст меѓу 19 и 42 години се исчезнати за време на рутинско пребројување вчераутро, соопштија официјални лица.
Затворениците избегале околу 1 часот по полноќ. Прво, ја искорнале лизгачката врата од ќелијата, а потоа го пробиле ѕидот, корнејќи WC шолја и мијалник, изјави шерифката на округот Орлеанс, Сузан Хатсон, на попладневната прес-конференција.
Безбедносните камери ги снимиле мажите како бегаат преку товарниот док, се качуваат по ѕидот и го преминуваат блискиот автопат, објасни таа.
Двајца од затворениците биле фатени уште вчера, но преостанатите осуммина се уште се во бегство.
„Имаме индикации дека овие притвореници добиле помош при бегството од лица во нашиот оддел“, рече Хатсон.
Вработен во затворот, кој ги следел снимките од безбедносните камери, го видел бегството, но не ги известил заменик-шерифите, рече таа. Сепак, таа не ја опиша детално помошта што ја добиле затворениците.
Државната полиција на Луизијана извести дека бегалец е пронајден како се крие под автомобил во гаража од хотел во познатиот француски кварт во Њу Орлеанс.
Шефицата на полицијата во Њу Орлеанс, Ан Киркпатрик, на прес-конференција изјави дека нејзиниот оддел бил известен за бегството околу два часа откако затворениците исчезнале, од кои некои се обвинети за убиство. Таа, исто така, смета дека е загрижувачки што нејзиниот оддел не бил информиран за тоа порано./МИА