„Не, претседателот Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциск“, им одговори Песков на новинарите, пренесува РИА Новости.
Шефот на Канцеларијата за литургиски церемонии на Ватикан, монсињор Диего Равели, претходно денеска изјави дека свечената погребна церемонија и погребот на папата Франциско ќе се одржи во сабота, пренесе АНСА.
Песков се осврна на предлогот на официјален Киев за запирање на нападите врз цивилната инфраструктура и рече дека тоа треба да се анализира земајќи го предвид искуството од Велигденскиот прекин на огнот.
Тој додаде дека ако Украина е подготвена и отворена за дијалог, треба да се преземат чекори за отстранување на правните пречки за преговорите со Русија.
„Рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш ја изрази својата подготвеност за разговори со Украина за идејата за прекин на нападите врз цивилни цели“, рече Песков, потсетувајќи дека Путин во понеделникот изјавил дека предлогот за воведување мораториум на ударите врз цивилната инфраструктура треба да се разговара билатерално со Украина, пренесува РИА Новости.
Песков потврди дека Кремљ ќе ја информира јавноста за следната посета на Русија на Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, „ако Виткоф дојде во Русија“.
Да потсетиме дека американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека тој и неговата сопруга Меланија ќе присуствуваат на погребот на папата Франциск во Рим.
„Јас и Меланија ќе присуствуваме на погребот на папата Франциск. Чест ни е што сме таму“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“.