Во сенка на големото дерби меѓу Дортмунд и Баерн Минхен, денеска во попладневниот термин се одиграа пет меча во рамките на 12.коло во Бундес-лигата. И веднаш да кажеме дека Волфсбург со ефектни 1:5 просто го уништи Лајпциг и тоа како гостин. Поради повреда Елиф Елмас не беше дел од “биковите“ на оваа средба.
Ретко кој се надеваше дека “волците“ ќе бидат толку добри среде Лајпциг.
Стрелци на головите беа Амоура два, Томас, Маеле и Беренс за убедлива победа од 1:5, додека голот за Лајпциг беше дело на Орбан во 82.минута.
Фрајбург со 3:1 славеше против Менхенгладбах, а стрелци на головите беа Холер два и Доан, додека за гостите стрелаше Клеиндинст.
Аугсбург со 1:0, со голот на Тиец во 38.минута успеа да слави против Бохум.
Леверкузен како гостин го победи Унион Берлин со 1:2 и освои значајни три бода во битката за врвот на табелата. Фримпонг уште во 2.минута му донесе водство на шампионот, следуваше голот на Јеонг во 29.минута за 1:1, но Шик во 71.минута реализираше за победа на “фармацевтите“.
Вердер и Штутгарт одиграа 2:2. Нјимах и Стаге реализираа за домашните, додека Демировиќ беше стрелец на двата гола за “швабите“.