Стадионот „Тарчински“ во Полска вечерва (21 ч.) ќе биде домаќин на финалето на Конференциската лига на УЕФА, каде Реал Бетис и Челзи ќе се борат за европска слава.
Реал Бетис, предводен од искусниот тренер Мануел Пелегрини, за првпат во својата историја стигна до европско финале. Шпанскиот тим, засилен со играчи како Иско, Антони и голгетерот Седрик Бакабу (7 гола во натпреварувањето), ќе се обиде да го освои својот прв европски трофеј. Бетис покажа борбеност и квалитет на патот до финалето, победувајќи силни противници како Фиорентина, Генк и Виторија Гимараеш.
Пелегрини веројатно ќе се држи до формацијата 4-2-3-1, но може да премине и во 4-4-2 за да ја засили одбраната ако обезбеди предност. Повредите му создаваат проблеми затоа што Хектор Белерин, Диего Љоренте и Марк Рока се надвор од комбинација вечерва, додека Езекиел Авила, Џовани Ло Селсо, Фран Виеитес и Сабали се под знак прашалник. Кардосо се очекува да биде подготвен.
Од другата страна, Челзи на Енцо Мареска пристигнуваат како фаворити, со импресивен рекорд од 11 победи во 12 меча во Конференциската лига и неверојатни 38 постигнати гола. „Сините“ од Лондон, со ѕвезди како Џејдон Санчо и Кол Палмер, имаат шанса да станат првиот клуб што ги освоил сите пет главни европски натпреварувања на УЕФА. Ова финале е можност за Челзи да ја крунисаат сезоната, во која веќе обезбедија пласман во Лигата на шампионите за 2025/26.
Мареска најверојатно ќе избере силен состав, со Николас Џексон кој се враќа по суспензијата во Премиер лигата. Повредени се Весли Фофана, Давид Фофана и Кели Келиман, додека Кристофер Нкунку и Марк Гуи се под знак прашалник поради одредени проблеми.
Историјата на меѓусебните дуели ветува интересен меч. Челзи има три победи во четири средби со Бетис, a Шпанците славеа и на последните два меча со Бетис во групната фаз аод ЛШ во 2005 година.