Тренерот на АЕК пред натпреварот со Алкалоид: Ќе се соочиме со многу квалитетен противник!

16. 05. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тренерот на АЕК пред натпреварот со Алкалоид: Ќе се соочиме со многу квалитетен противник!

Ќе се соочиме со многу квалитетен противник. И покрај големата важност на натпреварот, главно е да не брзаме со стратегијата, вели тренерот на грчкиот ракометен клуб АЕК Фредерик Бужан во пресрет на натпреварот со Алкалоид, пренесува дописничката на МИА од Атина.

Во изјава за официјалниот сајт на АЕК, Бужан се осврнува на подготовките пред првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп што в недела ќе се одигра во Атина.

– Мирно продолжуваме со нашите редовни подготовки за првото финале против Алкалоид. Со сериозност, смиреност, го повторувам тоа, и со многу концентрација. Имаме време да ја испланираме нашата стратегија и да ја зголемиме нашата сила. Ќе се соочиме со многу квалитетен противник. И покрај големата важност на натпреварот, главно е да не брзаме со стратегијата. Сепак, со нетрпение го очекуваме, бидејќи натпреварот ќе се одржи во „Сунел Арена“, истакна тренерот на грчки АЕК, осврнувајќи се и на неодамнешните натпревари во конкретната спортска сала и ги повика навивачите да дадат поддршка и „да доживеат уникатно искуство“ и „неверојатни моменти за ракометот“.

Како што објави МИА, во Грција владее голем интерес за натпреварот АЕК – Алкалоид, што ги натера домаќините да отворат дополнителни блокови од трибините и да пуштат во продажба дополнителни билети, а извори од клубот посочија дека досега се продадени околу 3.000 билети.

Натпреварот АЕК – Алкалоид во Атина е закажан за 19 часот по локално, а 18 часот по македонско време, а реваншот во Скопје ќе биде една седмица подоцна, на 25 мај во спортската сала „Борис Трајковски“.  

Инаку, противникот на Алкалоид на големо ги мобилизира своите фанови за првиот меч што се во салата „Ано Лосиa арена“, позната и како „Сунел арена“, со капацитет од 9.000 луѓе.

– Ајде, в недела во „Сунел арена“ да го направиме првиот голем чекор кон освојување на втората европска ракометна титула! Ајде да го наполниме секој агол од трибините и да ја оставиме цела Европа без зборови! За нашата историја, за нашиот амблем, за нашиот АЕК – повикува клубот, а пренесуваат грчки медиуми.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата