Како Русите ги спасиле Соединетите држави во американската граѓанска војна?
Додека европските сили застанале на страната на Југот во Американската граѓанска војна, во 1863 година рускиот цар Александар II испратил две ескадрили на руската морнарица во Сан Франциско и Њујорк, како поддршка на територијалниот интегритет на Соединетите држави и за да ги спречат Англија и Франција од интервенирање на страната на Конфедерацијата.
Русија на тој начин го променила балансот на силите не само во САД, туку и на глобалната сцена. Во контекст на денешните американско-руски односи, она што се случило пред 160 години изгледа нереално.
Џо Бајден и Владимир Путин во Женева, 16 јуни 2021 година.
За време на подготовките за средбата меѓу рускиот претседател Путин и американскиот претседател Бајден на 16 јуни 2021 година во Женева, подготвителна средба одржаа и советниците за национална безбедност Џејк Саливан и Николај Петрушев. Руската делегација потоа му подари на Саливан оригинална гравура од американското списание „Харперс викли“ од 1863 година, на која се прикажани руски бродови закотвени во пристаништето во Њујорк.
Тогаш, имено, две руски ескадрили спречиле англиско и француско мешање во американската граѓанска војна на страната на сепаратистичките држави на југот. Петрушев рече дека сака да потсети дека Русија и САД можат да бидат пријатели и да соработуваат.
Станува збор за настан од историјата на американско-руските односи кој целосно остана во сенка на долгата и длабока историја на конфликтот меѓу двете велесили.
Руската флота под адмирал Лисовски во пристаништето во Њујорк, Harper’s Weekly 1863 година.
Од Крим до Крим
Во 1863 година, Русија минувала низ тешки времиња. Раните предизвикани од поразот во Кримската војна се уште не биле залечени. Во Кримската војна од 1853-1856 година, на Руската империја се спротивставила коалицијата на Британската, Француската, Отоманската империја и Кралството Сардинија.
Причините за војната биле поврзани со намерите на Русија да ги искористи растечките внатрешни противречности во Отоманската империја за да помогне да се одвојат балканските територии од неа, претежно населени со православни народи.
На тоа се спротивставиле Велика Британија и Австрија. Покрај тоа, Лондон се обидел да ја истисне Русија од брегот на Црното Море, Кавказ и Закавказ.
Во критична фаза од војната, сојузниците успеале да концентрираат големи сили на армијата и морнарицата на Црното Море. Ова им овозможило успешно да истоварат десантен корпус на Крим, да и нанесат низа порази на руската армија и, по едногодишна опсада, на 11 септември 1855 година, да го заземат Севастопол.
На кавкаскиот фронт, руските трупи биле поуспешни. Но, заканата на Австрија и Прусија да се приклучат на војната ја принудило Русија да ги прифати наметнатите мировни услови.
Париски конгрес 1856.
Парискиот мировен договор, потпишан во март 1856 година, барал Русија да и ги врати на Отоманската империја сите територии што ги заземала во јужна Бесарабија, на сливот на Дунав и на Кавказ, а било забрането да има морнарица во Црно Море.
Русија била сериозно ослабена и привремено го загубила своето влијание во регионот на Црното Море.
И покрај тоа, Русија се обидувала да „не падне на колена“. Во февруари 1861 година, младиот цар Александар II потпишал манифест за укинување на крепосништвото (кметство).
Ситуацијата во Русија сè уште била под лупа на Обединетото Кралство и Франција, кои не застанале настрана кога избувнало полското востание во западните провинции на Руската империја во јануари 1863 година.
Благородните католички водачи на востанието се залагале за обновување на независна Полска „од море до море.“
Како одговор на бунтот, рускиот цар испратил војници на териториите погодени од немирите, кои денес би се нарекувала „операција за обновување уставниот поредок“. Во април 1863 година, Лондон, Париз и Виена испратиле протестна нота до Александар II, која потоа била поддржана од Шведска, Италија и Шпанија.
Полска, 1863 година, слика на полскиот сликар Јан Матејко (1864)
Европската дипломатија не можела да ја пропушти шансата уште еднаш да изврши притисок врз Русија, а загриженоста за судбината на полскиот народ била само изговор.
„Не може да се очекува искрено сочувство за страдањата на Полјаците од англиската, француската, а уште повеќе од австриската влада“, пишува американскиот весник „Њујорк дејли трибјун“ на 1 мај 1863 година.
Во јуни 1863 година, европските сили испратиле втора нота до Санкт Петербург и побарале свикување на меѓународен конгрес за решавање на полскиот проблем.
Европските сили во американската граѓанска војна
Во тој момент, кабинетот на Александар II донел, на современ јазик, „асиметрична“ политичка одлука. Тој решил да испрати две групи руски воени бродови на двата брега на Северна Америка, каде што веќе две години беснеела граѓанска војна.
Рускиот император Александар II во неговата канцеларија во Зимскиот дворец
Во согласност со наредбата на рускиот император Александар II од 25 јуни 1863 година, две руски ескадрили биле испратени на бреговите на Америка.
Првата, под знамето на контраадмирал Лесовски, испратена во Њујорк, имала 6 бродови и екипаж од 3.000 луѓе.
Втората ескадрила под команда на адмирал Попов, која се состоела од 6 бродови и 1200 офицери и морнари, била испратена во Сан Франциско.
Историчарите не се согласуваат околу причините зошто Санкт Петербург испратил две ескадрили на руската морнарица на бреговите на Атлантикот и Пацификот на Соединетите држави, но многумина веруваат дека владата на Александар II со тоа сакала да ги реши задачите од политичко и воено-стратешко природа во голем стил со менување на рамнотежата на силите не само во САД, туку и пошироко.
Руски бродови во Сан Франциско
На овој чекор, се верува, Русија се одлучила како превентивна мерка во случај на избувнување на војна со Велика Британија и Франција, бидејќи водечките европски сили веќе отворено му се заканиле на Санкт Петербург со можна воена интервенција поради полското прашање.
Во тој случај, руските ескадрили би можеле да станат ефективно средство за блокирање на поморските комуникации на непријателот во близина на американскиот брег, како и за започнување операции против англиската трговска флота.
Исто така, не треба да се заборави дека дотогаш меѓу Русија и САД се развиле многу пријателски и доверливи односи. Неутралната и добронамерна позиција на Вашингтон за време на Кримската војна била високо ценета во Санкт Петербург.
Рускиот министер за надворешни работи, а подоцна и канцелар на Руската империја, принцот Горчаков, во врска со ова напишал:
„Симпатијата на американската нација кон нас не исчезна во текот на целата Кримска војна, а Америка ни направи, директно или индиректно, повеќе услуги отколку што може да се очекува од сила која се придржува до строга неутралност“.
Американска банкнота од 1863 година: рускиот цар Александар II (во средината), американскиот претседател Абрахам Линколн (лево) и генералот Улис Грант (десно)
Од друга страна, во раните 1860-ти, закана за владата на американскиот претседател Линколн не биле само бунтовните јужни држави, туку и Лондон и Париз, кои своите интереси ги барале во Американската граѓанска војна поддржувајќи ја Конфедерацијата.
Велика Британија била заинтригирана и ја признала Конфедерацијата на американските држави, што помогнало да се зголеми нејзиниот меѓународен легитимитет, а во летото 1863 година, ескадрила од 5 бродови од флотата на кралицата Викторија пристигнала во канадското пристаниште Екмалт, покажувајќи подготвеност да ги поддржи противниците на федералните власти во Вашингтон.
И Франција ја играла својата геополитичка игра со своите планови за соседно Мексико, поддржувајќи ги отцепените американски држави и тајно снабдувајќи ги со оружје силите на Конфедерацијата.
Во американската граѓанска војна, само Русија, заедно со Швајцарија, безусловно го поддржувале Северот.
Посета на американската делегација на руската фрегата „Александар Невски“ во пристаништето во Њујорк, Харперс викли, 17 октомври 1863 година.
„Руската политика кон САД е решителна и нема да се промени во зависност од курсот на која било друга земја“, изјавил рускиот министер за надворешни работи Горчаков.
„Пред сè, сакаме Американската унија да опстане како неподелена држава… Испратени се предлози до Русија за приклучување кон плановите за интервенција. Русија ќе ги отфрли сите предлози од ваков вид“.
Политички, теренот за оваа операција бил обезбеден со фактот што Русија, која штотуку го укинала крепосништвото, застанала на страната на Северот во Граѓанската војна во САД, кој се борел против Југот за укинување на ропството.
Целата операција била изведена во најстрога тајност, така што на 24 септември 1863 година на пристаништето во Њујорк се закотвила руската ескадрила на адмирал Лесовски, а на 27 септември во пристаништето пристигнала друга ескадрила под команда на адмирал Попов се закотвила во Сан Франциско.
Руски морнари од бродот Варјаг во Њујорк
Сè укажува дека најважната задача на американската експедиција на руски воени бродови била „да се подигне знамето“, како што го нарекува воената дипломатска практика, потсетувајќи го противникот на неговото присуство и подготвеност за акција.
Руските планови добро функционирале, а пресметката испаднала точна: антируската коалиција целосно пропаднала.
Русофилија во Америка
Американското јавно мислење топло го поздравило присуството на руски морнари во американските пристаништа. Тие биле опкружени со интензивно внимание од американските претставници и јавноста.
Престојот на бродовите на руската морнарица на американските брегови бил одбележан и со прослави, свечени церемонии и балови.
Рускиот преставник во САД, Стекља, му напишал на Горчаков:
„Нашите поморски офицери сè уште се предмет на универзално внимание. Генерално, жителите се натпреваруваат во нивната желба да бидат домаќини на нашите морнари“.
Руски офицери на бал во Њујорк, Харпер викли, 21 ноември 1861 година.
„Ваша екселенцијо, веќе знаете од весниците со какво чувство сме примени овде“, му напишал контраадмирал Попов на рускиот министер за морнарица Крабе во ноември 1863 година.
„На петти овој месец градот Сан Франциско им приреди величествен бал во знак општа наклоност кон царот и Русија, кој ќе влезе во аналите на Сан Франциско како највеличествен бал на брегот на Тихиот Океан.“
Интересен факт е дека Николај Римски-Корсаков, иден познат композитор, бил член на руската екипа, кој служел како млад везиста во ескадрилата на Лесовски.
„Нашата ескадрила беше примена овде на пријателски начин, максимално. Доаѓаат кај нас, дури и дами, да го изразат своето задоволство што сме во Њујорк“, јавувал Корсаков.
Големиот руски бал на Њујоршката музичка академија, Харпер викли, 21 ноември 1863 година.
Резултати од интервенцијата
Речиси 9 месеци руски бродови биле на американскиот брег. На крајот на јули 1864 година, кога Санкт Петербург сметал дека целите на мисијата се остварени, на командантите на ескадрилата им било наредено да ги напуштат американските води и да се вратат дома.
Политичките резултати од престојот на руската морнарица во САД во двата главни града биле оценети како повеќе од успешни.
Способноста да се блокираат чувствителните трговски поморски комуникации на Англија и Франција му овозможил на кабинетот на Александар II да заземе построг став во однос на западноевропските сили.
Како резултат на тоа, „полското прашање“ било отстрането од меѓународната агенда.
Руска парада на Бродвеј, Харпер викли, октомври 1863 година.
До летото 1864 година, бунтот во западните региони на Русија бил изгаснат.
Од друга страна, во пресвртниот момент на американската граѓанска војна, ескадрилите што вееле знамиња на Руската империја, ја играле за Вашингтон улогата на гарант за безбедноста и одвраќање од странско мешање.
Во политиката, понекогаш пиштолот не треба да пука; доволно е да е наполнет и насочен кон непријателот.
За време на престојот на руските поморски сили во Америка, федералните сили постигнале значителни воени успеси, се зголемил авторитетот на администрацијата на Линколн и се зајакнала меѓународната позиција на земјата.
Проштален банкет
На прошталниот банкет организиран во чест на Русија во Бостон на 7 јуни 1864 година, било речено:
„Руската ескадрила не донесе со себе никакво оружје или граната за да го потисне бунтот, не ни требаат, но донесе со себе повеќе од тоа: чувство на меѓународно братство, морална поддршка… Русија се покажа како наш мудар, цврст и сигурен пријател“.
Американскиот државен секретар Севард оценил:
„Иако руската флота дојде од свои причини, значењето на нејзиното присуство беше да ги убеди Англија и Франција дека дошле да ги заштитат САД од нивното мешање“.
„Руската мечка и американските миленици“, карикатура Harper’s Weekly, 23. декември 1871
Во американската амбасада во Санкт Петербург бил одржан прием за враќањето на руските морнари, а секретарот на американската амбасада Берг тогаш навел:
„Меѓу САД и Русија постои пријателство над кое нема сенка на лоши спомени. Не е тешко да се замислат огромните придобивки што таквата политика може да им ги донесе на сите влади во светот“.
Задолжена кон Русија, американската влада одлучила во 1866 година да испрати „специјална депутација“ во Русија за да ја изрази благодарноста на Соединетите Држави до рускиот цар и народот за помошта што ја пружале со испраќање руски ескадрили на нејзините брегови.
Денес, 160 години подоцна, овие зборови звучат нереално: во контекст на денешните американско-руски односи, тешко е да се замисли дека некогаш биле разменети меѓу овие две големи сили.
(<a href="https://vecer.mk/">Vecer.mk</a> <a href="https://www.rts.rs/page/oko/ci/story/3308/istorija/4410421/rusija-u-americkom-gradjanskom-ratu.html" target="_blank">VIA)</a>