Во Белград последни подготовки за тридневниот митинг „Не ја даваме Србија“

11.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Белград последни подготовки за тридневниот митинг „Не ја даваме Србија“

Во тек се подготовките во центарот на српскиот главен град за тридневниот собир на „Движењето за народот и државата“ што го најави претседателот на државата, Александар Вучиќ, и ќе се одржи од 11 до 13 април, јави дописникот на МИА од Белград.

Митингот официјално ќе почне денеска во 17 часот со содржини пред зградата на српскиот Парламент.

Во центарот на Белград се поставуваат три бини. Митингот ќе почне со дефиле симболично со дефиле на знамиња – државното, како и на 162 од локалните самоуправи и од Косово. Тоа според претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ ќе означува – единство, што го претставува тој собир.

Пред Парламентот се поставени голем број бели шатори, околу Пионирски парк (спроти Собранието) има голем број трактори.

Тридневниот собир на луѓе од цела Србија е под мотото „Не ја даваме Србија“.

Ќе има голем број културно-забавни програми и промовирање политички идеи и барања.

Централниот настан ќе се одржи пред Народното собрание в сабота во 19 часот.

Поставени се и видео бимови, а планирани се и бројни придружни содржини – од штандовите на локалните самоуправи, Поштенска штедилница, презентацијата на туристичката понуда на Србија, до специјални кутии каде граѓаните ќе можат да оставаат пораки и предлози за името на новото „Движење за народот и државата“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека граѓаните ќе имаат можност в недела, на митингот, да се изјаснат преку гласачки ливчиња и да дадат предлог за името на движењето за народот и државата, кое до 28 јуни (Видовден) ќе го добие името.

„Народот ќе одлучи за името, ќе има можност да го направи тоа и в недела, бидејќи ќе имаат таканаречени гласачки ливчиња за да го напишат својот предлог. Има седум или осум предлози за името на движењето. Потоа повторно на долга дебата и гласање. Се треба да заврши на 28 јуни на Видовден“, рече Вучиќ. Зборувајќи за собирот по повод формирањето на тоа движење за народот и државата тој истакна дека е горд на таа иницијатива и дека движењето веќе привлекло огромно внимание кај граѓаните.

„Тоа е движење кое мора да понуди дијалог, но движење кое не смее да бега од спротивставени мислења, бидејќи ни треба демократија, ни требаат различни мислења. Нема општество во светот кое не е потребно“, рече Вучиќ.

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека Вучиќ на централниот состанок на движењето за народот и државата в сабота ќе ги изнесе барањата со кои ќе продолжи да се гради уште посилна и постабилна Србија.

Таа денеска ги повика сите граѓани на митингот на Движењето за народот и нагласи дека тоа е средба на единството и државноста. Брнабиќ посочи дека тоа ќе биде прва средба на која ќе се слушне гласот на граѓаните и дека е можност да се запрат поделбите што постојат во општеството.

„Србија мора да разговара и нема повеќе поделби“.

Брнабиќ најави дека граѓаните ќе можат да го видат и дочекот на најдолгото српско знаме во историјата – долго 200 метри и симболизира единство

„Тоа е и во чест на Србите од Косово и Метохија кои пеш одат кон Белград. Се уште гледаме од која насока доаѓаат, но најверојатно ќе се развие пред Владата на Србија. Таму ќе биде претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој ќе го развива и ќе го носи заедно со народот“, рече таа.

Според нејзините зборови, на средбата ќе бидат истакнати вкупно 162 знамиња, меѓу кои се и знамињата на државата и локалните самоуправи низ Србија и јужната српска покраина.

„Значи, да покажеме дека доста е од поделби, дека Србија е една и единствена и дека е во ред да имаш поинакво мислење во Србија и дека тоа не значи автоматски дека си „чаци“, дека е во ред да имаш поинакво мислење“, посочи Брнабиќ.

Таа потсети дека централната манифестација е утре и ги повика граѓаните да бидат таму утре околу 13 часот.

„На бината пред црквата Свети Марко ќе имаме детска програма. Ќе има многу туристички штандови и неколку пунктови каде што ќе можат да разговараат со советниците на претседателот и да му испраќаат писма, на кои претседателот ќе одговори“, нагласи Брнабиќ.

„Движење за народот и државата“ е регистрирано врз основа на апликација поднесена на 28 март. Формирањето на тоа движење се најавува веќе 2,5 години. Основано е, како што се наведува, со цел да се постигнат цели на полето на „современ развој и просперитет на државата, односно Република Србија и зајакнување на свеста за народот и државата“.

Како што е наведено во Статутот, целите на здружението се „да се подигне свеста за важноста на државниот и националниот суверенитет“; „застапување за просперитет, напредок и современо државно организирање“ и „промоција и афирмација на можностите за придонес во развојот на националната свест“.

Првите најави за формирање на Движењето дојдоа во септември 2022 година. Во март следната година, претседателот на Србија објасни дека движењето е замислено како место за луѓе кои сакаат да „дадат поддршка за зачувување на Србија во тешки времиња, на непартиска основа“.

Состанокот на иницијативниот одбор за основање се одржа 23 март во Белград. Како што објави претседателот на Србија, Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил, со него на средбата биле „неколку членови на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), неколку редовни професори на факултети, претседателот на Матица Албана во Србија и други. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата