-Бродот „Либра“ пристигна во Шнѓин по четврти пат, но овој пат не донесе мигранти фатени на море, кои чекаат одговор на барањето за азил, туку нерегуларни кои ќе чекаат депортација во земјите на потекло, откако им бил одбиен азил во Италија, објавија албанските медиуми.
Пред две недели владата на Џорџа Мелони одлучи да ги искористи центрите во Албанија, што ги изгради нејзината земја, за приведување илегални имигранти кои чекаат депортација.
Максималниот период на престој во прифатниот центар во Ѓадр ќе биде 18 месеци, наспроти она што стои во договорот меѓу двете земји, дека ќе бидат сместувани мигранти фатени на море кои во Ѓадр требаше да останат месец дена, период во кој требаше да добијат одговор од италијанските власти на апликацијата за азил.
-Според италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, станува збор само за реактивирање на постоечка функција на центарот. Со оваа одлука, мигрантите приведени во Ѓадр можат да останат таму до 18 месеци, додека нивните земји на потекло не го прифатат нивното враќање, наведуваат медиумите.
Поконкретно, дообјаснил тој, илегалните мигранти, приведени во центарот за имиграција во Рим, ќе бидат префрлени во Албанија за да чекаат депортација, но потоа мора да се вратат во Италија, за конечно да се вратат во земјите од каде потекнуваат.
Албанија и Италија потпишаа договор за прифаќање мигранти на 6 ноември 2023 и беше најавено дека ќе профункционираат во мај минатата година. По неколкуте одложувања, првата група од 16 мигранти пристигна во септември, но беа вратени назад по одлуката на италијански суд. Тоа се случи уште во два наврати, па истите останаа празни.
Во меѓувреме, италијанската влада ја чека одлуката на Судот на правдата на ЕУ за декретот за „безбедни земји“.