Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска има средба со српскиот претседател Александар Вучиќ посветена на реформите неопходни за напредокот на Србија на европскиот пат, соопшти главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
- Многу внимателно ја следиме ситуацијата во Србија и навистина ги охрабруваме сите засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, да најдат начин да ги унапредат реформите кои се неопходни за европската иднина на Србија и ова е дел од она што ќе се разговара и на средбата, истакна Пињо.
Изјавата на Пињо беше одговор на прашање за писмо упатено до Европската комисија од неколку проевропски опозициски парти во Србија, во кое се оценува дека со оваа средба ЕК „го поддржува режимот, наместо на граѓаните“.
Пињо потврди дека Еврокомисијата добила и писмо потпишано од 31 европратеник во кое тие бараат откажување на средбата Фон дер Лајен-Вучиќ, како реакција на случувањата во Србија.
- Ова писмо е примено и на оваа средба се гледа токму како можност да се разговара за прашањата кои се наведени во писмото на членовите на Европскиот парламент, додаде Пињо.
Инаку, претпладнево Фон дер Лајен имала средби и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, која, според Пињо, е во контекст на нејзините билатерални разговори со лидерите учесници на вчерашниот Европски совет и на нив се разговара за темите кои беа на дневен ред на Самитот, како и за заедничките предизвици.
За разговорот со Пленковиќ, Фон дер Лајен информираше преку објава на Икс, посочувајќи дека тоа било „добра средба“.
- Разговаравме за нашата поддршка за Украина, енергетската безбедност и напредокот во проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан, наведе Фон дер Лајен во објавата.