Но, секој кој нема право на азил, ќе направиме сè што е во наши раце да го вратиме назад во земјата од која го започнаа своето патување, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес- конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека сега веќе е заеднички став во Унијата „дека не може да постои кохерентна миграциска политика без ефективно чување на надворешните граници и без да има ограничување на протокот на оние кои нелегално влегуваат во Европската унија“.
- Драго ми е што Европската унија се чини дека се движи кон втор приоритет што грчката Влада секогаш го поставуваше, а тоа е ефикасни враќања. Вистината е дека денес осум од десет нелегални мигранти во Европа, односно луѓе кои немаат право на азил, не се враќаат и остануваат на европскиот континент. И ова, очигледно, е нешто што треба да се промени, нагласи грчкиот премиер и додаде дека „нацрт-регулативата, како што е предложена од Европската комисија, е важен чекор во вистинската насока“.
Во однос на предлогот на ЕК за европската одбрана изрази задоволство, посочувајќи дека во т.н. Бела книга е вклучена и позиција на грчката Влада, но и дека го очекуваат конечниот текст „за да го знаеме степенот на буџетска флексибилност што ќе го имаме во однос на нашите одбранбени трошоци за наредните години“.
На новинарско прашање за случувањата во Турција, изрази загриженост и посочи дека „почитувањето на политичките слободи е клучна компонента на демократијата“. /МИА