Сочувства за загинатите во трагичниот пожар во Кочани-книгата на жалост во амбасадата во Атина

21.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сочувства за загинатите во трагичниот пожар во Кочани-книгата на жалост во амбасадата во Атина

Букет цвеќе од непознат испраќач со пораката „RIP Kocani“ и нацртано срце, оставено пред портата на објектот на амбасадата во Атина, најдоа вработените во нашето дипломатско претставништво, каде што во изминатите денови беше отворена книга на жалост, јави дописничката на МИА од Атина.

Цвеќиња, свеќи и пораки на сочувство имаше пред низа наши амбасади низ светот каде што живеат Македонци, но во Атина, конкретниот потег остава впечаток со оглед на тоа што е многу мал бројот на нашинците во грчката метропола.

Книгата на жалост беше отворена во понеделникот, прва се потпиша амбасадорката Лидија Бошковска, а веќе страниците се исполнети со пораки на сочувство за трагично загинатите млади лица од дискотеката „Пулс“, но и со пораки на љубов и поддршка, како за повредените, така и за македонскиот народ.

Речиси целиот дипломатски кор во Грција или се потпиша во книгата или електронски испратија порака со сочувство, а вчера во амбасадата беше и заменик-министерот за надворешни работи на Грција Јанис Ловердос.

Како што вчера објави МИА, го пречека амбасадорката Бошковска, со која имаа кус разговор, по што се потпиша во книгата на жалост, а потоа пдржаа и тет-а-тет средба.

- Да знаете дека Владата и народот на Грција во овие моменти на голема тага, на жал ќе бидат секогаш покрај вас. Ние, Грците сме многу чувствителен народ, имаме и ние претрпено слични трагедии, истакна заменикот МНР и посочи дека „некогаш зборовите се непотребни“, но и дека „за жал, многу пати трагедиите ги приближуваат народите“, а паралелно нагласи дека грчкиот народ ја чувствува тагата и сочувствува со соседната земја.

Амбасадорката Бошковска му се заблагодари за поддршката и помошта од грчката Влада.

-Би сакала да изразам голема благодарност за брзата и одлична реакција од персоналот на Службата за итна помош, на персоналот во болниците и во Солун и во Атина, на одличната соработка со грчката амбасада во Скопје. Оваа трагедија ни влијаеше на сите, истакна амбасадорката.

Книга на жалост, освен во Атина, отворена беше и во конзулатот во Солун.

Грција беше меѓу првите земји што прими повредни со изгореници, тројца млади уште во неделата попладне беа префрлени во солунската болница „Папаниколау“, следеа уште двајца во воената болница во Солун, додека пак во понеделникот и вторникот со авиони Ц-27 на грчкото воено воздухопловство беа транспортирани уште вкупно седум лица.

Паралелно, официјална Атина, континуирано ја истакнува подготвеноста за помош на повредените, подготвеност што уште еднаш ја повтори портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите

- Здравствениот оперативен центар на Националниот центар за итна помош во рамките на оперативното планирање за управување со транспортот и лекување на повредени со изгореници, продолжува да ги одржува во состојба на зголемена подготвеност Одделенијата за изгореници во соодветните здравствени установи во Солун и Атина, рече Маринакис.

Освен на официјално ниво, како што веќе има објавено МИА, понуди за помош од Грција пристигнаа и од низа организации, здруженија и слично, меѓу кои и Црвениот крст, Здружение на бизнис жени од Грција, Грчката асоцијација за лица со изгореници итн.

Иако во мал број, Македонците во Грција, преку социјалните мрежи експресно се организираа и се пријавија за евентуална помош на повредените кои се хоспитализирани во Солун и Атина и за нивните семејства, помош пријавена и до дипломатските претставништва, кои засега целосно се погрижија за роднините кои се во Грција.

Македонците во Солун, утре напладне на плоштадот Аристотел ќе одржат собир „Солун во молк за Кочани“ за да им оддадат почит на загинатите и да изразат поддршка.

Трагедијата во Кочани, уште од првиот момент континуирано ја следат медиумите во Грција, а вчера известуваа за погребите на загинатите, карактеризирајќи ги како сцени од „последниот чин од античка трагедија“.

Речиси сите грчки телевизии, од неделата испратија новинари во Кочани, кои секојдневно преку јавувања во живо ја информираат грчката јавност за градот завиен во жал и тага, но и за детали од истрагата за пожарот. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата