Таа е алжирска државјанка која, според сопствените тврдења, ѝ кажала на полицијата дека детето паднало и се повредило во бањата, но дека не побарала лекарска помош бидејќи немала дозвола за престој во Грција, пренесе Катимерини.
Мајката за време на сослушувањето во полициската станица (GADA) рекла дека мислела дека детето спие кога отишле на плажа. Кога подоцна сфатила дека детето е повредено, се исплашила дека ќе биде пријавена поради нејзиниот статус и решила да го остави детето живо во морето, по што заминала со своите две преостанати деца.
Сепак, резултатите од обдукцијата покажале поинаква слика, девојчето починало од давење, а на нејзиното тело имало повеќекратни повреди на лицето, челото, очите, усните и носот, како и тешки модринки и повреди на други делови од телото.
Истрагата беше забрзана со безбедносните камери во областа Фалиро, кои снимија жена со две деца и дете во количка, облечена слично како починатото девојче. Клучната трага за полицијата дојде од израелски турист кој претходно користел такси кое потоа ја возел Алжирката и нејзините деца. Туристот им помогнал на властите да го идентификуваат таксистот, кој потврди дека жената патувала до Патисија.
Оттогаш, безбедносните сили дискретно го следат подрачјето. Утрово, 1 август, во 06:45 часот, кога жената повторно повикала такси, полицијата реагирала и ја привела заедно со децата.
Според информациите, таткото на децата е во Сирија, додека двете преостанати деца се предадени на надлежното обвинителство за малолетници.
На видеата што се објавени, истата жена се гледа како застанува на киоск во близина на плажата Едем, а потоа си заминува, со двете деца и количката во која било девојчето. Интересно е што на друго видео, жената го носи фустанот наопаку, што укажува на брзање да го напушти местото на настанот.
Една фотографија го прикажува девојчето во количка со капа на главата и покриено лице, иако било 21:30 часот. Позицијата на нејзиното тело сугерира дека можеби била во несвест или веќе мртва.
Истражителите не го исклучуваат здравјето на детето како фактор; патологот рече дека девојчето страдало од метаболичко нарушување, а екстремната топлина можеби дополнително ја влошила нејзината состојба.
Една хипотеза е дека мајката одлучила да оди на плажа со своето дете навечер токму поради влошената здравствена состојба на нејзиното дете. Вреди да се напомене дека од трите деца, само детето во количката носело костим за капење.
Истрагата е во тек.