Полицијата во Тирана ја опколи зградата на Њуз 24 и го исклучи сигналот, реагираше Здружението на новинари

9.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата во Тирана ја опколи зградата на Њуз 24 и го исклучи сигналот, реагираше Здружението на новинари

 Здружението на новинари на Албанија (AGSH) остро реагираше откако полицијата ги опколи канцелариите на телевизијата  News24, исклучувајќи го нејзиниот сигнал, како и весниците "Панорама" и "Газдата шчиптаре" оценувајќи  го настанот како неприфатлив чин и директна закана за слободата на печатот.

Според  здружението, блокадата на работните простории на новинарите претставува флагрантно кршење на основните принципи на демократијата и слободата на изразување, загарантирани со Уставот и меѓународните акти за човекови права.

„Полициската интервенција, која ја попречува работата на новинарите, е отворен притисок врз слободните медиуми“, се вели во реакцијата на здружението, при тоа повикувајќи ги државните институции веднаш да ја запрат оваа акција и да им го гарантираат пристапот на новинарите до нивното работно место.

Исто така, апелира до локалните и меѓународните организации за слобода на изразување внимателно да ја следат ситуацијата и јавно да реагираат.

„Секој конфликт со приватните телевизии треба да се решава преку разбирање, а не со сила“, се заклучува во реакцијата.

За овој, како што го нарекуваат "чин без преседан против слободата на медиумите"  реагираа и БИРН, познати аналитичари и партиите од опозицијата.

Полицијата ја опколи зградата на „Њуз24“, насилно и без предупредување прекинувајќи го сигналот за емитување, а пристап им забранила на новинарите на редакциите на споменатите медиуми. 

„Итно ги повикуваме политичките партии, граѓанското општество, медиумските организации и странските амбасади во Тирана веднаш да реагираат и да го спречат овој насилен чин, гарантирајќи итно враќање на радиодифузијата и целосно почитување на слободата на говорот, стои во реакцијата на телевизијата. 

Полицијата ја опколила зградата на „Њуз24“, каде се редакциите и на весниците, без предупредување прекинувајќи го сигналот за емитување, забранувајќи им пристап на новинарите на споменатите медиуми. 

Засега нема објаснување за причините за овој настан.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата