Авионска бомба со повеќе од 200 килограми експлозив беше безбедно отстранета од градилиште во Белград-на-вода, и моментално се транспортира до Делиблатско песочиште каде што ќе биде уништена, објави министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Операцијата за отстранување на бомбата од британско производство, остаток од сојузничкото бомбардирање во Втората светска војна, започна утрово, по 7:00 часот, а планирано е да биде уништена после 9:00 часот.
Бомбата беше пронајдена за време на градежни работи во Белград-на-вода на длабочина од околу 2,5 метри.
Дачиќ изјави дека во таа акција учествуваат околу 100 припадници на Министерството за внатрешни работи и пожарникари.
Лани во близина на српскиот Парламент беше пронајдена граната од Првата светска војна, испукана од австриската армија, додека претходно од Ниш е отстранета бомба на НАТО тешка околу еден тон.