МАЕИ упати честитка до г. Јоан по устоличувањето за поглавар на ААПЦ

29.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МАЕИ упати честитка до г. Јоан по устоличувањето за поглавар на ААПЦ

 Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во свое име, во име на партијата, која ја претставува македонската заедница во Албанија и во името на сите православни Македонци упати најискрени честитки до г. Јоан, по повод неговото денешно устоличување за архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија.

-Ви посакуваме благосостојба и успех во Вашата нова должност. Убедени сме дека под Вашето поглаварство, Автокефалната православна црква на Албанија ќе продолжи да биде цврст столб на верата, хармонијата и духовните вредности за сите православни верници, стои во честитката.

Се искажува голема благодарност за неговиот извонреден  придонес,  што го дал како митрополит на Корча во зајакнувањето на православната вера, за поддршката на македонската заедница во Корчанскиот округ и за почитувањето на богослужбите на македонски јазик во божјите храмови во Митрополијата на Корча.

-Веруваме и се надеваме дека, како Архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија, ќе работите на натамошно зајакнување на добрите односи, соработката и взаемната почит. Исто така, имаме доверба дека ќе покажете посебна грижа за црквите во регионите на Голо Брдо и Маќелара, каде што православните Македонците живеат заедно со нашите браќа, Македонците муслимани, зачувувајќи и зајакнувајќи ги духовните и културните вредности на овој крај, се посочува во честитката.

Се додава дека македонската заедница во Албанија се надева и со внимание очекува Автокефалната православна црква на Албанија да преземе конкретни чекори за "воспоставување евхаристичка заедница и канонско единство со Македонската православна црква - Охридска Архиепископија". 

-Исто така, веруваме дека Вие, заедно со Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија - Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, ќе го осветите храмот “Свети Архангел и Михаил“ во општина Пустец, област Мала Преспа, со што ќе го претворите во значаен духовен центар за нашите верници, се нагласува во честитката.

Поглаварот Јоан 27 години беше Митрополит на митрополијата за округот Корча. Претставниците на МАЕИ имаа добра соработка и  срдечни средби во духот на православието.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата