Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Иранскиот врховен лидер: Иран не им е лут на Европејците

21 март 2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Во говорот одржан во светиот град Машхад на првиот ден од новата година според персискиот календар, Хамнеи ги критикуваше Соединетите држави, обвинувајќи ги дека го поттикнуваат протестното движење што го потресе Иран по смртта на Махса Амини во септември минатата година.

„Западњаците вршеа притисок Иран да биде изолиран, но се случи спротивното. Нашите односи со Западот ослабеа, но нашите врски со Азија се зајакнаа 100 отсто, а на агендата е и воспоставувањето силни односи со Латинска Америка и Африка.“ рече тој пред неколку илјади луѓе во храмот на имамот Реза.

„Ние сепак не сме им лути на Европејците и подготвени сме да соработуваме со сите европски земји кои слепо не ја следат американската политика“, додаде тој.

Земјите-членки на Европската унија и Обединетото Кралство во последните месеци го критикуваа задушувањето на протестите во Иран кои започнаа по смртта на Махса Амини (22) на 16 септември. Иранката со курдско потекло почина откако беше уапсена од моралната полиција во Техеран поради кршење на строгите правила за облекување.

Според властите, стотици луѓе, меѓу кои и припадници на безбедносните сили, загинале во тие протести, кои стивнаа во последните недели. Како и во јануари, Хамнеи нагласи дека властите успеале да го поразат заговорот што ги предизвикал немирите во кои учествувале „мал број Иранци“.

„Непријателите на Иран сакаат промена на режимот и воведување на лажна демократија во западен стил за да ја контролираат земјата и да ѝ ги одземат ресурсите“, рече тој.

Хамнеи нагласи и дека Иран не се меша во конфликтот во Украина. Некои земји го обвинуваат Техеран дека ја поддржува Русија, првенствено снабдувајќи ја со беспилотни летала.

„Ние на никаков начин не учествуваме во таа војна што ја започнаа САД, чии фабрики за оружје профитираат најмногу“, рече тој.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ