Ветеринар предупредува: Три грешки поради кои сопствениците им го скратуваат животот на нивните миленици

24.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ветеринар предупредува: Три грешки поради кои сопствениците им го скратуваат животот на нивните миленици

Домашните миленици живеат пократко отколку што би посакувале, затоа е важно да не им го скратуваме животот со грешките што ги правиме. Д-р Амир Анвари, еден од најследените ветеринари на социјалните мрежи, преку своите објави ги потсетува сопствениците дека превенцијата и навремената реакција се клучни за подолг и поквалитетен живот на кучињата и мачките.

Според него, постојат три чести грешки што многумина ги прават, а кои имаат сериозни последици на самата генетика на животните. Иако трошоците за ветеринарни услуги понекогаш делуваат високо, занемарувањето на проблемот на почетокот најчесто доведува до уште поголеми финансиски издатоци, и што е многу поважно, до страдање на миленикот.

Дебелина

Прва и најраспространета грешка е дебелината. Вишокот килограми кај кучињата и мачките на многумина им делува симпатично, но всушност е сериозен здравствен ризик. Хроничната дебелина доведува до воспалителни процеси во организмот, срцеви заболувања, оштетување на зглобовите и инсулинска резистенција. Со тек на време, се развиваат болни состојби како артритис, но и дијабетес, кој бара доживотна терапија. Стручните лица истакнуваат дека правилната исхрана и контрола на порциите може значително да го продолжи животот на вашиот миленик.

Занемарување на денталната хигиена

Втора голема грешка е занемарување на денталната хигиена. Непријатниот здив од устата не е безопасен проблем, туку знак за насобирање бактерии и каменец. Бактериите преку крвотокот може да стигнат до виталните органи како што се црниот дроб и бубрезите, и да предизвикаат сериозни проблеми. Редовното миење на забите е стандард, но постојат и посебни додатоци во исхраната и препарати кои помагаат да се намалат наслагите доколку вашиот миленик не дозволува четкање.

Одложување на посетата на ветеринар

Ова е трета кобна грешка, бидејќи животните инстинктивно ја кријат болката, па сопствениците често го забележуваат проблемот дури кога болеста веќе напредувала. Прескокнувањето на годишните прегледи, може да доведе до тоа некои сериозни состојби, на пример: тумор, болести на бубрезите, или дегенеративни промени на зглобовите, да се откријат предоцна. Раната дијагностика значително ги зголемува шансите за успешно лечење и го продолжува квалитетот на живот.

Ветеринарот, исто така, истакнува дека сопствениците на мачки често ги потценуваат нивните потреби. Нередовната заштита од болви и крлежи може да предизвика тешки алергиски реакции, бидејќи мачките се исклучително осетливи. Освен тоа, мачките кои живеат исклучиво во стан, мора да имаат секојдневна ментална стимулација и игра најмалку 20 минути дневно, за да се спречи гојазност и развој на анксиозност. Дури и суптилни промени, како зголемено пиење вода или благо слабеење, може да бидат ран знак за болест на бубрезите и бараат консултација со ветеринар.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата