Топењето на мразот на Арктикот е забавено, но само привремено

20.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Топењето на мразот на Арктикот е забавено, но само привремено

Откритието е изненадување, велат истражувачите, бидејќи емисиите на јаглерод од согорувањето на фосилни горива продолжуваат да растат, поттикнувајќи го глобалното затоплување, објавува Гардијан.

Научниците рекоа дека природните варијации во океанските струи што го ограничуваат губењето на морскиот мраз веројатно помогнале да се избалансира континуираниот пораст на глобалните температури, но додадоа дека ова е само привремен феномен и дека топењето веројатно ќе започне повторно со двојно поголема брзина од сегашната во следните пет до 10 години.

Наодите од студијата не значат дека арктичкиот морски мраз се опоравува, со оглед на тоа што обемот на морскиот мраз во септември, кога е на својот годишен минимум, е преполовен од 1979 година, кога започнале сателитските мерења.

Научниците предупредуваат дека климатската криза е сè уште многу реална и дека е потребна итна акција за да се избегнат најлошите последици. Експертите сè уште очекуваат Арктикот да биде без мраз подоцна во овој век, заканувајќи се на луѓето и дивиот свет во регионот.

Марк Ингланд од Универзитетот во Ексетер, кој го водеше истражувањето, рече дека бавното топење на мразот ни донесе малку повеќе време, но тоа беше само привремено.

Научникот Ендру Шеферд од Универзитетот Нортумбрија заклучи дека арктичкиот мраз сè уште се разредува, додавајќи дека податоците покажуваат дека од 2010 година, просечната дебелина на мразот во октомври се намалила за 0,6 сантиметри годишно.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата