Телескопот Џејмс Веб откри знаци на живот на далечната планета

17.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Телескопот Џејмс Веб откри знаци на живот на далечната планета

 Тим од британски научници од универзитетот Кембриџ откри дека се пронајдени досега најсилните знаци за можен живот на планетата К2-18б. Иако се работи за неофицијални докази кои би можеле да укажат на постоење живот на друга планета, сепак тоа е голем чекор за науката, рече астрофизичарот и член на Собранието на Скопското астрономско друштво, Радан Митровиќ.

-Голема цел на науката и астрономијата и астрофизиката. Генерално е да се пронајде, една од целите, не е само тоа е да се пронајде и некаков си живот. Но, ние тешко може да детектираме, јас лично не очекувам да детектираме цивилизација, така како што ги гледаме во холивудските филмови, да имаме вселенски бродови или не знам како. Тоа тешко ќе се случи.- Радан Митровиќ

-Ние тешко можеме да знаеме сега за сега за каков евентуално живот би се работел. Веројатно за некој си голем, зашто, замислете, тоа е планета неколку пати поголема од нашата и е цела прекриена со огромна површина на океан. Ама тој океан не е длабок како што е кај нас 10км, тоа е океан најверојатно со можеби стотици километри длабочина.- Радан Митровиќ

Според него науката постојано трага по друга цивилизација, но се уште не е пронајдено ништо конкретно. Научниците истражуваат и имаат свои сателити кои мерат одредени параметри, но на друго место досега не е детектиран живот. Како што објасни за Канал 5, се работи за планета која има неколку пати посилна гравитација од нашата и за да се стигне до неа се потребни неколкукратно посилни ракети од оние кои се лансирани досега.

-Ние имаме неколку сателити на Јупитер и на Сатурн кои исто така имаат голема шанса да најдеме нешто што е живо. Но, сето тоа се сведува на еден принцип. Ние бараме вода. Ние имаме живот на планетата Земја затоа што имаме течна вода.- Радан Митровиќ

-Кога таа планета би била во Сончевиот систем, ние би можеле да дојдеме до неа и би можеле евентуално да слеземе на неа, но многу би било поголем проблем да полетаме од неа.- Радан Митровиќ

Оваа вест утринава ја објави универзитетот Кембриџ и одекна како топ тема и на светските медиуми, меѓу кои CNN, BBC и NBC.

Инаку, тимот од истражувачи го предводи професорот Нику Мандусудан од универзитетот Кембриџ. Според него, ова е најсилниот доказ за вонземен живот досега, а се надева и дека ќе може да се потврди истото во рок од една до две години.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата