Свадбата на Џеф Безос во Венеција предизвика бес кај жителите: Ни го зароби градот

2.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Свадбата на Џеф Безос во Венеција предизвика бес кај жителите: Ни го зароби градот

Претстојната свадба на Џеф Безос и Лорен Санчез, закажана за 24 јуни на островот Сан Џорџо Маџоре во Венеција, предизвика негодување кај локалното население кое ги обвинува дека „го држат нивниот град како заложник“ со нарушување на туризмот и оштетување на животната средина.

„Ќе биде голема мака“

Според Дејли Меил, Безос и Санчез наводно резервирале пет луксузни хотели и ги изнајмиле сите водни такси за нивната прослава, поради што се очекуваат големи толпи и нарушувања во градот. Со најавеното пристигнување на познати личности, политичари и бизнис лидери, локалното население се подготвува за зголемена безбедност, затворање на улици и присуство на полиција - сето тоа во средината на туристичката сезона. Особено загрижувачко е влијанието врз животната средина, со приватни авиони и високи нивоа на емисии на јаглерод.

„Ќе биде голема мака. Веќе сме исцрпени од многуте проблеми на прекумерниот туризам, а сега ова е уште едно нешто со кое мора да се справиме. Го зароби нашиот град“, изјави за Гардијан Франческа, која работи како локален туристички водич.

„Нема место за Безос, нема место за олигарси“

Политичката група Лабораторио Окупато Морион најави протести против Безос, обвинувајќи го дека ја претворил Венеција во „уште едно игралиште за богатите“. Флаер што циркулира на интернет го прикажува Безос на врвот на ракета со натпис: „Нема место за Безос, нема место за олигарси!“

Во летокот исто така се вели: „Од безбедносни прописи, до правото на работа и живот, до одбивање да се затвори и комерцијализира градот за свадбата на еден од најмоќните, најбогатите - и најопасните - луѓе во светот“.

Портпаролката на групата, Алис Бацоли, истакна дека најавениот протест е само почеток, а поголем е закажан за денот на свадбата. „Безос го отелотворува она против што овој град и глобалните движења се борат со децении - финансиска и технолошка олигархија што ги експлоатира работниците, планетата и контролира цели територии и популации“, рече таа.

Градоначалникот на Венеција под обвиненија за корупција

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, кој се соочува со обвиненија за корупција, потврди дека свадбата ќе се одржи, додавајќи: „Соработуваме со организаторите за да осигуриме дека настанот е целосно во согласност со чувствителноста и уникатноста на нашиот град“.

Активист од групата „Венеција не е Дизниленд“, која се стреми да ги едуцира посетителите за вистинската природа на градот, рече дека нивните социјални медиуми биле преплавени со коментари за свадбата. „Минатата година бевме домаќини и на папата Франциск. Мислам дека можеме да се справиме со ваква свадба“, заклучи тој.

Врската меѓу Безос (61) и Лорен Санчез (55) привлече внимание уште во 2019 година кога Безос го објави разводот од поранешната сопруга Мекензи Скот. Санчез, која има две деца со поранешниот сопруг Патрик Вајтсел, исто така беше разведена пред свршувачката со Безос.

Пред свадбата, Безос наводно финализира обемен предбрачен договор за да го заштити своето богатство, кое се проценува на 220 милијарди долари.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата