Поголема опасност
Сè уште не е јасно дали дијабетесот навистина ги предизвикува овие проблеми. Но, според анализата на податоците собрани од 202 претходни студии во кои биле вклучени повеќе од 56 милиони пара мајка-дете, кога мајките развиваат дијабетес за време на бременоста, децата имаат 28 % поголема веројатност да развијат нервно нарушување.
Ризиците кај децата на мајките со гестациски дијабетес биле 25 % повисоки за развој на аутизам, 30 % повисоки за развој на синдромот на нарушено внимание и хиперактивност и 32% повисоки за ментална попреченост. Тие деца, исто така, имале 20 % поголема веројатност да имаат проблеми во комуникацијата, 17 % поголема веројатност да имаат проблеми со движењето и 16 % да имаат потешкотии во учењето во споредба со децата чии мајки немале дијабетес за време на бременоста.
Дијабетесот дијагностициран пред бременоста се чини дека претставува 39% поголем ризик за едно или повеќе од овие невро-дегенеративни нарушувања во споредба со гестацискиот дијабетес, кој започнува во бременоста и често се повлекува по породувањето, објавија истражувачите во списанието „The Lancet Diabetes & Endocrinology“.
Зачестеноста на дијабетес се зголемува
Дијабетесот погодува до 9% од бременостите во Соединетите Држави, а зачестеноста се зголемува, според американскиот „Центар за контрола и превенција на болести“.
Седум претходни студии ги споредиле децата со невро-дегенеративни нарушувања со нивните браќа и сестри. Овие анализи не откриле ефект од дијабетесот кај мајката, што укажува на тоа дека заедничките генетски или фамилијарни фактори може да придонесат за зголемен ризик, забележале авторите. Наодите ја нагласуваат важноста на медицинската поддршка за жените со ризик од развој на дијабетес и континуираното следење на нивните деца, велат истражувачите.
Поврзаноста помеѓу мајчиниот дијабетес и аутизмот кај децата е добро позната, рече д-р Магдалена Јанечка од Медицинскиот факултет Гросман во Њујорк, која ги проучува врските помеѓу процесите во матката и развојот на детето, но таа не била вклучена во новото истражување.
Тврдењата за поврзаноста на вакцините со развојот на аутизам се побиени
Голема „мета-анализа“ како оваа овозможува анализа на подгрупи, како што се мајки со веќе постоечки или гестациски дијабетес, или деца со аутизам наспроти оние со АДХД или нарушувања на движењето, но не може да се докаже причинско-последичната врска, изјавила Јанечка.
„Мета-анализите ни овозможуваат попрецизно да ги споредуваме групите. Истовремено, тие не нè приближуваат до разбирањето на причините или основните механизми.
Студијата доаѓа откако здравствените претставници на администрацијата на Трамп повикаа на понатамошно истражување за тоа дали вакцините предизвикуваат аутизам, тврдење кое долго време го заговараше новиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди, а кое етаблираната наука го поби.