Црната боја најчесто се доживува како елегантна и шик, па затоа е добро познато дека не можете да погрешите со елегантен црн фустан или класично црно одело.
За други, целосно црните комбинации може да делуваат депресивно или негативно. Оваа расправа е дел од психологија на боите, дисциплина што ги проучува емоциите што боите ги предизвикуваат. Црната боја има посебно место бидејќи технички не е боја во вистинска смисла на зборот – туку се дефинира како „апсорпција на сите бои“.
И покрај различните индивидуални реакции на црната облека, психолозите сепак забележале заеднички особини кај луѓето кои претпочитаат целосно црни комбинации. Некои од овие особини позитивно го одразуваат карактерот на една личност, но постојат и некои не толку позитивни страни.
На што укажува љубовта кон црната боја?
Црната облека е стандардна униформа во многу професии, таа е и еден вид личен потпис на креативните луѓе. Повеќето стилисти на клиентите им советуваат да имаат црно здолниште, црни панталони и црн џемпер во својот гардеробер бидејќи црната боја оди со сè, секогаш е во тренд, а многумина сметаат дека ништо подобро не оди со црната боја од - уште повеќе црна!
И меѓу познатите личности се забележани многу љубители на црниот стил, на пр., Стив Џобс, Карл Лагерфелд, Џони Кеш, кој носеше црно како протест против социјалната неправда и свесен чин на солидарност со угнетените, дизајнерите Јоџи Јамамото, Руни Мара, Рик Овенс, Викторија Бекам, архитектката Заха Хадид...
Анабел Малдонадо е моден психолог, која поставила теорија за тоа дека нашиот избор на облека нè тера да се чувствуваме и да се однесуваме на одреден начин, а црната боја често функционира како еден вид оклоп.
Луѓето кои сакаат да носат црно се често уметнички, чувствителни и склони кон повлечен начин на живот. Црната боја на секоја комбинација ѝ дава елеганција и софистицираност, а истовремено се поврзува со моќ и авторитет: не е случајно тоа што судиите и многу директори ја носат оваа боја (само помислете на заштитниот знак на Стив Џобс: црната ролка).
Од друга страна, црната боја носи и негативни конотации: смрт, злокобни предзнаци, страв... Затоа редовно во филмовите ја носат негативци: Дарт Вејдер, Дракула, Волдеморт... Но, и покрај овие силни негативни асоцијации, сепак безброј луѓе црната боја ја направиле столб на својот личен стил.
Црната облека и менталното здравје
Малдонадо забележала слични карактерни црти кај своите пријатели од модната индустрија кои претпочитаат црна боја. Тие покажувале знаци на невротицизам: тенденција една личност да ги држи своите емоции под контрола, наместо да ги изразува послободно.
Невротичните луѓе се креативни, емоционално помалку стабилни: тие се склони кон гнев, меланхолија и негативни емоции како што е анксиозноста, и потешко остануваат во позитивно расположение. Тие се самоуверени, но често ги мачи грижата што мислат другите за нив.
Од ова, Малдонадо заклучила дека црната боја, од една страна, симболизира моќ и авторитет, а од друга страна, служи како „штит“ од надворешниот свет: заштита за чувствата и несигурноста.
Што покажала студијата?
За да ја тестира својата теорија, таа анкетирала 300 жени за тоа какви бои преферираат. Резултатите покажале дека: оние кои се опишувале себеси како „црн тип“, имале три пати поголема веројатност да пријават анксиозност, а двапати поголема веројатност да се опишат себеси како „меланхолични“ и склони кон грижи.
Спротивно на тоа, жените кои претпочитале светли бои имале ниски резултати на скалата за невротицизам. Тие помалку страдале од анксиозност, полесно останувале позитивни и ја гледале облеката не како оклоп, туку како средство за изразување, а некои дури и чисто функционално.
Секако, ова не значи дека црната боја никогаш не треба да се носи. Таа и понатаму е елегантна и секој гардеробер би требало да има неколку црни парчиња. Но, вреди да се запрашате: дали вашиот целосно црн гардеробер е одраз на вашата личност или штит за вашата ранливост?

