Искачувањето се реализирше во соработка со планинарскиот клуб „Хајкинг" од Скопје, заедно со 36-члена екипа планинари.
- Задоволен сум што со успех го искачивме врвот Митикас, поминувајќи 21километар од стартот до врвот. Ѝ благодарам на мајка природа што ни даде прекрасен сончев ден и ни дозволи за да ја реализираме со успех дадената задача, една од потешките акции во планинарството. На патеката имаше и остатоци од снег, но сепак, временските услови беа идеални и сите 36 учесници се искачија на врвот. Јас бев најстар со своите полни 78 години, а ова ми беше трето искачување, рече Костовски.
Тој посочи дека првпат на Олимп се искачил во 1990 година, кога водел 10 члена од Планинарското спортско друштво „Руен" од Крива Паланка.
-За последните три години веќе два пати успешно се имам искачено на „Планината на боговите". Младите секогаш беа покрај мене и на нив им пренесував дел од моето долгогодишно искуство. За мене тоа беше големо задоволство, рече Костовски.
Тој со активно спортско планинарење се занимава од 1987 година, од кога е член на планинарско друштво „Руен" Крива Паланка.
- Од првиот ден ја прифатив улогата како водич и сѐ до напуштањето на друштвото пред 15 години, од кога сум активен член на планинарско - спортски клуб „Калин Камен". Бидејќи новото друштво немаше водич, јас ја прифатив таа улога за да може друштвото да се регистрира и до денес сум водич. Пред неколку години друштвото доби лиценциран водич. Јас сега сум помошник на Тасевски Соцко. Меѓутоа се случува планинарски друштва да ме бараат за да ги водам по Осоговските планини. Последна група планинари ми беа гости од Сомбор и Куманово, планинаревме во зимски услови од езерце преку Калин Камен, 1884 метри, Царев врв - 2085 метри надморска височина, Сокол 1917, до Руен 2252, надморска височина, а моето долгогодишно искуство секогаш се обидувам да го пренесам на помладите, додава Костовски.
Тој го презентираше 40- годишното планинарско искуство преку книгата „40 години активно планинарење".